„Овие воено настроени убијци ја користат нашата музика без наша согласност. Тоа нè прави и згрозени и бесни.“
Со овие зборови фронтменот на британскиот рок бенд Франц Фердинанд, Алекс Капранос, реагираше откако Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја искористија нивната позната песна „Take Me Out“ во пропагандно видео за воените операции против Иран, објави Euronews.
Во видеото, кое беше објавено на социјалните мрежи на израелската армија, песната од 2004 година се слуша во позадина додека се прикажуваат снимки од борбени авиони, експлозии и воени напади. Објавата е придружена со порака: „Operation Roaring Lion – this is how it’s done.“
Капранос реагираше преку Инстаграм, обвинувајќи ја израелската армија дека без дозвола ја користи музиката на бендот.
„Типично е, нели? Да се прошетаат и да земат нешто што не им припаѓа со одвратна ароганција“, напиша тој.
Не е прв ваков случај
Контроверзијата се појавува во време кога повеќе музичари реагираат на користење на нивни песни во политички и воени видеа без согласност.
Според извештајот, неодамна и Антонио Ромеро Монге, еден од авторите на легендарната песна „La Macarena“, изразил „длабока непријатност“ откако песната била употребена во видео на Белата куќа поврзано со воена операција во Иран.
Контекст: војната меѓу САД, Израел и Иран
Случајот доаѓа во момент на ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
На 28 февруари САД и Израел извршија заеднички воздушни напади врз Иран, при што беа погодени стотици воени цели, а во нападите загина и иранскиот врховен лидер Ајатолах Али Хамнеи.
Експерти на Обединетите нации во меѓувреме повикаа на независна истрага за бомбардирањето на основно училиште во градот Минаб, во кое загинале 165 ученици.







