„Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Трагедијата во Кочани е еден од тие настани.“
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски на конференцијата посветена на одбележувањето една година од трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека станува збор за настан кој оставил длабока рана во македонското општество.
„Таа беше трагедија на еден град. Но и трагедија која ја потресе целата наша држава и која засекогаш ќе остане врежана во колективното сеќавање на нашето општество“, рече Мицкоски.
Во обраќањето премиерот изрази почит кон настраданите и нивните семејства, како и кон повредените кои, како што рече, „веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување“.
„Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини. Личности“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека споменот за жртвите мора да остане трајна обврска на општеството.
Тој истакна дека трагедијата не донела само болка, туку и силна солидарност во општеството.
„Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите, брзата помош, техничкиот персонал, како и сите граѓани кои во најтешките моменти покажаа човечност и солидарност“, рече премиерот.
Според Мицкоски, по трагедијата биле активирани сите институции во државата, а дел од повредените биле транспортирани во специјализирани медицински центри во странство.
„Преку европските механизми за цивилна заштита и преку директна координација со партнерските држави беше организиран транспорт на дел од пациентите во специјализирани болници во странство“, рече тој.
Премиерот додаде дека болници и медицински тимови од повеќе европски земји ја понудиле својата помош, што, според него, претставува пример за меѓународна солидарност во најтешките моменти.
Во своето обраќање Мицкоски се осврна и на прашањето за одговорност за трагедијата.
„Во едно демократско општество трагедиите не смеат да останат без одговори. Општеството има право да ја знае вистината, а семејствата имаат право да знаат како се случила трагедијата“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека утврдувањето на одговорноста треба да го спроведат институциите.
„На прашањето кој е виновен мора да даде одговор обвинителството и судовите, а не јавноста или некаков преки суд“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи со мерки за поддршка на семејствата на настраданите и повредените, но и со развојни проекти за Кочани и источниот регион.
„Нашата цел е трагедијата да биде почеток на нова фаза на развој. Кочани има потенцијал да биде еден од економските двигатели на регионот“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека се разгледуваат и иницијативи за создавање место на сеќавање кое ќе го одбележува настанот и ќе потсетува на вредноста на човечкиот живот.
„Кочани е место на една огромна и ненадоместлива трагедија. Но Кочани е и ќе продолжи да биде град на луѓе со достоинство, со сила и со иднина“, порача премиерот.







