Во Лос Анџелес вечерва се одржува најголемата филмска вечер во годината – доделувањето на наградите на Академијата за филмски уметности и науки, познати како Оскари. Церемонијата втора година по ред ќе ја води американскиот комичар и телевизиски водител Конан О’Брајан.
„Sinners“ води со најмногу номинации
Хорор филмот Sinners на режисерот Рајан Куглер освои дури 16 номинации за Оскар, со што се вбројува меѓу филмовите со најмногу номинации во историјата на Академијата.
Филмот е номиниран и во неколку од најважните категории, меѓу кои за најдобар филм, најдобар главен актер за Мајкл Б. Џордан, најдобар спореден актер за Делрој Линдо и најдобра споредна актерка за Вунми Мосаку. Куглер е номиниран и за најдобра режија и за најдобро оригинално сценарио.
„One Battle After Another“ меѓу главните фаворити
Меѓу главните фаворити е и филмот One Battle After Another, режиран од Пол Томас Андерсон, со Леонардо Ди Каприо во главната улога. Филмот доби 13 номинации за Оскар.
Тој е номиниран за најдобар филм, најдобар режисер, најдобро адаптирано сценарио – базирано на романот „Vineland“ од Томас Пинчон – како и за главна машка улога за Ди Каприо. Номинации има и во категориите за спореден актер за Бенисио дел Торо и Шон Пен, како и за споредна актерка за Тејана Тејлор.
Пред самата церемонија на Оскарите, филмот веќе оствари значителен успех на други големи награди. На Golden Globe Awards освои награди за најдобар филм, режија, сценарио и споредна актерка, додека на BAFTA Awards триумфираше со шест награди, меѓу кои и за најдобар филм и режија.







