Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија жалење поради престанокот на работата на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа, оценувајќи дека станува збор за сериозен удар врз критичкото и професионално новинарство.
Во заедничко соопштение, двете организации наведуваат дека затворањето на РСЕ претставува загуба не само за медиумската сцена во Македонија, туку и пошироко во регионот, особено во време кога, како што истакнуваат, на јавноста ѝ е потребно повеќе проверено информирање.
Според ЗНМ и ССНМ, Радио Слободна Европа со децении бил „препознатлив медиумски глас на слободата, одговорноста и јавниот интерес“, додека македонскиот сервис, кој постоеше од 2001 година, отворал важни општествени теми и одржувал високи професионални стандарди.
Тие упатуваат и порака на солидарност до новинарите кои ја загубија работата, нагласувајќи дека нивниот придонес „не смее да биде занемарен, ниту третиран како колатерална штета на политички и буџетски одлуки“.
Во соопштението се потенцира дека овој развој повторно ја отвора потребата од системска поддршка за медиумите. ЗНМ и ССНМ посочуваат дека без стабилни и транспарентни механизми, плуралистичкото новинарство останува ранливо.
Оттаму повторно го истакнуваат барањето за воспоставување на Фонд за медиумски плурализам, кој, според нив, треба да биде независен и праведен механизам за поддршка на квалитетното новинарство.
Дополнително, потсетуваат дека Советот на Европа со години препорачува државите да развиваат политики за одржлив медиумски екосистем и поволна средина за новинарството како јавно добро.
ЗНМ и ССНМ наведуваат дека во Македонија веќе постојат конкретни предлози. Во рамки на реформската агенда поддржана од Европската Унија во 2023 година бил подготвен нацрт-закон за медиуми, кој предвидува создавање ваков фонд.
Исто така, според нив, претходно изработени законски решенија биле доставени до надлежните институции, но без понатамошен напредок.
Двете организации бараат од Владата и институциите да го обноват процесот за воспоставување на Фонд за медиумски плурализам без одлагање, со цел да се зајакне медиумската разновидност и да се подобрат условите за работа на новинарите.
Во спротивно, предупредуваат, ќе продолжи трендот на слабеење на критичките гласови, гасење на редакции и осиромашување на медиумскиот простор, особено на локално ниво.











































































































