Денеска во Министерството за економија се одржа работен состанок меѓу претставниците на мелничко-пекарската индустрија и државните институции, на кој беше заклучено дека состојбата со цените на основните прехранбени производи е стабилна и под контрола, соопштија од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).
На средбата, на која присуствуваа заменик-министерот Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, беше констатирано дека цените на лебот и пецивата не се зголемени во 99 отсто од државата. Како резултат на оваа координација, Групациите од мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на Северо-Западна Македонија донесоа заедничка одлука цените да останат на истото ниво во текот на целиот месец април, до кога континуирано ќе се вршат анализи на пазарот, се нагласува во соопштението.
Министерството за економија и Владата се заложија заеднички да ја следат состојбата на терен. Во случај на евентуално влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенси, надлежните институции ветија дека во директна соработка со мелничката индустрија ќе изнајдат решенија. Целта е да се релативизираат потенцијалните опасности од зголемување на трошоците кои би можеле да влијаат врз финалните цени на производите, истакнуваат од ССКМ.
„Апелираме до сите медиуми и политички чинители во Македонија да не се користи оваа сложена ситуација со цените на лебот и пецивата за создавање паника и несигурност кај граѓаните, затоа што со тоа се наштетува и на потрошувачите и на компаниите“, нагласуваат од мелничко-пекарската индустрија.
Од коморите потенцираат дека како општествено одговорна индустрија, нивен приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните и одржување на предвидлив деловен амбиент во прехранбениот сектор. Состојбата со енергенсите и влезните трошоци ќе остане под будно око на сите засегнати страни до крајот на тековниот месец.







































































































