Од 3 до 6 јуни Скопје ќе биде домаќин на 25-то, јубилејно издание на ОФФест, кое годинава носи исклучително богата и возбудлива програма со учесници од 15 земји. Фестивалот ќе понуди силен фокус на африканската музика, но и настапи на еминентни имиња од европската и домашната сцена.
Првите три фестивалски вечери ќе се реализираат во Националната опера и балет. Програмата се отвора на 3 јуни со настапите на Guitari Baro и енергичните BCUC. Следниот ден, на 4 јуни, публиката ќе има можност да ги проследи Nils Økland & Sigbjørn Apeland, како и домашниот состав Добрила и Доријан. Вечерта на 5 јуни е резервирана за соработката меѓу Raül Refree & Maria Mazzotta и настапот на светски познатите Les Amazones d’Afrique.
Последната вечер, на 6 јуни, фестивалот се сели во Младинскиот културен центар (МКЦ). Во Денсинг салата ќе настапат Matchume Zango и Zawose Queens, додека во рамките на придружната програма, во киното „Фросина“ ќе биде прикажан култниот бразилски документарен филм „ELIS & TOM“.
Билетите за сите фестивалски вечери ќе бидат пуштени во продажба на 16 април. За сите дополнителни информации и детали околу изведувачите, организаторите упатуваат на официјалната веб-страница на фестивалот.











































































































