Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 8 април 2020 година, врз основа на примена жалбa од генерал Методи Хаџи – Јанев, ја донесе следната:
ОДЛУКА
Интернет – порталот „Фронтлајн.мк“, со текстот насловен „Генералите, аѓутанти на Иванов, ги игнорираат Шекеринска и македонското зачленување во НАТО“, го прекрши Кодексот на новинарите во членовите 1 и 3.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 13 март 2020 година, генерал Методи Хаџи – Јанев, поднесе жалба за текстот со наслов „Генералите, аѓутанти на Иванов, ги игнорираат Шекеринска и македонското зачленување во НАТО“, објавен на 1 март 2020 година, на интернет – порталот „Фронтлајн.мк“ (www.frontline.mk).
Во жалбата се наведува дека текстот содржи неточно и нефер известување, незастапена втора страна, клевета, лажни вести и дека го нарушува угледот на жалителот.
Хаџи – Јанев смета дека преку неточно информирање во текстот се шири лажна вест и се врши клевета дека самиот не ги исполнува условите да биде унапреден во чин бригаден генерал.
Подносителот на жалбата вели дека се целосно неточни тезите и тврдењата во содржината дека тој нема завршено соодветна школа и дека неговата докторска тема била несоодветна, а во прилог на жалбата цитираше и членови од Законот за служба (член 61 и 63), според кои тој законски бил унапреден во бригаден генерал.
„Делот кој е спорен е тврдењето во текстот дека „не ги исполнувам законските одредби“ или конкретно се тврди: „ тој нема завршено школа за национална одбрана или пак докторат со соодветна тема“ и „Тој е доктор по меѓународно право и не ги исполнува условите. Одговорно тврдам дека и двата услови од членот 63 на наведениот Закон се исполнети“, посочува Хаџи – Јанев, наведувајќи ги спорните делови од текстот.
Тој додава дека, со оглед на тоа дека најголемиот дел од својата кариера го поминал во специјалните единици, како што самиот појаснува, во делот за против-тероризам, а бил и првиот командант кој го предводел контингентот на специјалните сили во Ирак во 2003 година, смета дека само по себе е јасно дека тезата за неправилности или неисполнување на условите е неиздржана.
Хаџи – Јанев, меѓу другото, потенцира и дека се обидел, но не успеал да оствари средба со уредникот на интернет-порталот за да го надминат недоразбирањата околу спорниот текст. Тој наведува и дека од медиумот побарал и објавување демант, како и јавно извинување за навреда и клевета.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со порталот „Фронтлајн.мк“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.
Главниот и одговорен уредник на медиумот, Џабир Дерала, одговори на наводите на жалбата. Тој смета дека неосновани и неаргументирани се сите наводи на жалителот Методи ХаџиЈанев посочени во претставката.
Дерала појаснува дека, со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба, како и точно известување, од страна на интернет – порталот „frontline.mk“, на 25.02.2020 година до портпаролот на Генералштабот, во електронска комуникација, биле испратени 8 прашања, од кои петтото се однесувало конкретно на стручните квалификации и унапредувањето на ХаџиЈанев, кое гласело: „Како е унапреден генералот Методи Хаџи – Јанев, согласно важечките норми во Законот за одбрана? Тој е доктор по меѓународно право и не ги исполнува условите“.
„Меѓутоа, ниту портпаролот на Генералштабот, ниту пак Методи Хаџи-Јанев како дел од Генералштабот (кој, како директно прозван, по логиката на нештата, требало да биде интерно известен за прашањата и од него да биде побаран одговор), не дадоа конкретен одговор на поставените прашања од интернет порталот frontline.mk, па така, немаше конкретен одговор ни на 5-тото прашање. Оттука, во конкретниот случај, без добиен (а побаран) одговор од ГШ и Методи ХаџиЈанев, не може да се обвинува порталот за неточно и нефер известување и незастапена втора страна. Во тој контекст, неосновани и неаргументирани се и жалбените наводи за лажни вести, клевета и нарушување на личниот углед на жалителот“, вели Дерала во одговорот на жалбата.
Од „Фронтлајн.мк“ додаваат дека при објавување на своите наводи, пред сѐ, ја зеле предвид официјалната биографија на Хаџи-Јанев, доставена до Воената Академија, како и законски предвидените услови за унапредување во чин бригаден генерал, во смисла на член 63 од Законот за служба во АРМ. Според Дерала, токму членот 63, како и биографијата на жалителот, биле главните причини медиумот да го оцени за дискутабилно унапредувањето на генерал Хаџи – Јанев.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членот 1 и 3.
Член 1: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Член 3: „Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информација“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 8 април 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во неа. Надлежност на Комисијата е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.
Комисијата утврди дека оспорениот текст произлегува од јавниот интерес и дека носителите на јавни функции, во случајов, жалителот, генералот Методи Хаџи – Јанев е легитимна новинарска цел и не смее да биде изземен од теми за кои јавноста треба да биде информирана. Авторот на анализата, кој не е потпишан на текстот, отвора низа прашања за односите меѓу дел од припадниците на македонскиот Генералштаб и Министерството за одбрана, а воедно поставува и сомнежи дали генералот Хаџи – Јанев бил законски унапреден. И покрај тоа што медиумот го испочитувал основното новинарско правило и побарал став за унапредувањето на Хаџи – Јанев од Генералштабот, сепак, став на Комисијата е дека одговор требало да побара и лично од генералот, со оглед дека порталот „Фронтлајн“ фрла сериозни сомнежи околу неговото напредување во службата. На тој начин, интернет – порталот ќе обезбедел целосна и објективна информација.
Оттука, Комисијата најде дека во текстот е прекршен членот 1 од Кодексот на новинарите, чија отстапка е нагласена во следните неколку реченици:
„Петтиот од листата генерали е Методи Хаџи-Јанев кој беше вратен од Вашингтон, поставен за аѓутант и промовиран во чин генерал. Неговата промоција е дискутабилна, затоа што тој нема завршено школа за национална одбрана или пак докторат со соодветна тема. Тој е доктор по меѓународно право“.
Постулат на новинарската професија е да се обезбеди „втора страна“, односно да им се даде можност на сите засегнати во новинарскиот производ да го кажат својот став. Ова особено во случаи кога новинарот изнесува сомневања или обвинувања или кога некој е предмет на напад и критика. Проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку два меѓусебно неповрзани извора.
Понатаму, Комисијата констатира и дека интернет – порталот „Фронтлајн“ не го објавил и демантот што до редакцијата го испратил жалителот Хаџи – Јанев. Со тоа, медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите, според кој новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информација. На тој начин, новинарот го штити и сопствениот интегритет, но и интегритетот на медиумот во кој работи.
* * *
При одлучувањето, Комисијата ги зеде предвид и:
* Членот 16 од Уставот во делот во кој се вели:
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
* Членот 17 од Законот за медиуми (Право на исправка на објавена информација), во делот кој се вели: Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавената информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и другите организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси.
* * *
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска и Ердем Ахмет. Се обврзува интернет – порталот „Фронтлајн.мк“ (www.frontline.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.
Со почит,
Совет за етика во медиумите на Македонија
Заменик – претседател на Комисијата за жалби
Сефер Тахири