Израелската армија соопшти дека уништила мрежа на подземни тунели на Хезболах во јужен Либан, споредувајќи ја нивната комплексност со структурата на тунелите претходно откриени во Појасот Газа. Според израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, објектите биле целосно разурнати во „масивна експлозија“ во областа Кантара.
Министерот Кац истакна дека заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху издале директна наредба до војската да ја елиминира целата терористичка инфраструктура, како надземна така и подземна, во безбедносната зона сè до таканаречената Сина линија. Оваа демаркациона линија, долга околу 120 километри, функционира како де факто граница меѓу двете држави, а примарната цел на израелската операција е трајно да се отстранат заканите за жителите на регионот Галилеја.
Од израелската војска информираа дека нивните трупи откриле два подземни тунели кои се граделе околу десет години и се протегале на десетици метри под површината. При операцијата биле пронајдени снајперски пушки, експлозивни направи и логистичка опрема што им овозможувала на милитантите подолг престој под земја. За да ги потврди своите тврдења, армијата објави и видеоснимка која ја прикажува внатрешноста на тунелите пред нивното уништување.
❗️ EXPOSED: Underground tunnel network built by Hezbollah in the Qantara area of southern Lebanon.
IDF troops located 2 underground Hezbollah tunnels, with a total length of ~2 kilometers, situated ~10 kilometers from Israel’s northern communities.
Inside the tunnels, soldiers… pic.twitter.com/Kq8NZlPzO7
— Israel Defense Forces (@IDF) April 28, 2026
Премиерот Нетанјаху во видеопорака порача дека Израел континуирано ја разурнува терористичката инфраструктура и елиминира десетици милитанти, најавувајќи дека воените операции ќе продолжат со исто темпо. Од друга страна, министерот Кац упати остри критики до властите во Бејрут, обвинувајќи ги либанската влада и армија дека не ги исполнуваат преземените обврски за целосна демилитаризација на јужен Либан од борците и арсеналот на Хезболах.







