Пишува:Тина Иванова
Бев на протест пред Уставен – за Колективниот договор за култура. Стојам меѓу многу луѓе. Ја слушам Верче – зборува силно и достоинствено. Има музика од САФ. Нико ја пее „Девојко од бронза“. На крај – сите заедно, едногласно: „РАЗБУДИ СЕ!“
Гледам околу себе – убави луѓе. Мудри, креативни, со страст за уметност. Луѓе што создаваат, што шират љубов, што носат инспирација. И се прашувам: кому му пречат овие луѓе? Зошто некој би сакал да им ги руши правата и идеалите?
Оставете нè да го правиме во мир она што најдобро го умееме. Оставете нè да ви принесуваме убавина. Зашто – се угушивме во грдотија. А ова што го имаме – е малку, но вреди за сите нас.
Уметноста се создава во мир. А нашиот Колективен договор треба да ви биде пример, не пречка. „Неколку години не се вечност. Разбудете се.“ – „Девојко од бронза“.






