ВИНЕР НОЈШТАТ, АВСТРИЈА, 28 април 2026 — Денеска во Винер Нојштат започна судскиот процес против 21-годишниот Беран А., австриски државјанин со потекло од Северна Македонија, кој е обвинет за планирање терористички напад за време на концертите на светската мега ѕвезда Тејлор Свифт во август 2024 година.
Беран А. се соочува со сериозни обвиненија за тероризам и членство во терористичка организација. Според австриските обвинители, тој бил радикализиран преку интернет и се заколнал на верност на Исламската држава (ИД).
Обвинетиот планирал со автомобил да влета во толпата од околу 30.000 фанови („Swifties“) кои се собираат пред стадионот „Ернст Хапел“, а потоа да продолжи со напад со ножеви и рачно изработена бомба со шрапнели. При претресот во неговиот дом во Терниц, полицијата пронашла експлозиви (ТАТП), детонатори, мачети и ножеви. Истрагата откри дека тој и уште двајца соработници планирале симултани напади и во Саудиска Арабија, Турција и ОАЕ.
Неговиот адвокат, Ана Маир, на почетокот на судењето изјави дека Беран А. планира да ја признае вината за најголемиот дел од обвиненијата поврзани со нападот во Виена, но негира вмешаност во плановите за напади на Блискиот Исток.
„Тој планира да се изјасни за виновен за целиот случај околу Тејлор Свифт.“ — изјави адвокатката Маир.
Поради сериозноста на заговорот, кој беше откриен со помош на разузнавачки информации од САД, трите распродадени концерти во Виена беа откажани, што предизвика разочарување кај над 200.000 фанови.
Доколку биде прогласен за виновен, на 21-годишниот Беран му се заканува казна затвор од 10 до 20 години. Пресудата се очекува да биде донесена кон крајот на мај 2026 година.
Д. Е.







