Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека конечно се решени имотно-правните проблеми и завршени се експропријациите кои со години го кочеа пуштањето во употреба на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.
Според најавите на градоначалникот, воспоставувањето на целосен и функционален сообраќаен проток ќе се случи по наредните 60 дена. Овој период е предвиден за завршување на подготвителните активности, средувањето на неопходната документација и процесот на преселување на граѓаните кои живеат во објектите на трасата. Ѓорѓиевски јавно им се заблагодари на овие семејства за разбирањето и домаќинскиот пристап со кој придонеле проблемот да се реши без дополнителни одложувања.
„Она што со години беше симбол на застој, конечно добива решение. Мостот што народот со право го нарекуваше ’мост кој не води никаде’ или ’мост за ловење риба’, повеќе нема да биде потсетник на нечија неработа, туку ќе стане вистинска сообраќајна врска во служба на граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека овој горлив проблем е решен за само шест месеци од неговиот мандат, иако првичното ветување било тоа да се реализира во рок од четири години.
Во своето обраќање, тој изрази благодарност и до градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и до градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески за поддршката, потенцирајќи дека новата градска администрација за краток период успеала да откочи и други важни капитални инфраструктурни проекти. Како што посочи Ѓорѓиевски, за само шест месеци се откочени проектите за клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на улица „Љубљанска“ и булеварот „Македонија“.
Градоначалникот на крајот порача дека овие реализирани проекти се резултат на макотрпна работа и силна волја, докажувајќи дека зборот даден пред народот претставува обврска, а не празно ветување.







