Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати остри обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда Игор Филков, прашувајќи зошто не ги испраќаат документите за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.
Според опозициската партија, повеќе од 30 дена јавноста не може да добие одговор на ова прашање, а молкот на институциите го толкуваат како свесна заштита на осудениот бегалец.
„Ниту Христијан Мицкоски, ниту министерот за правда Игор Филков немаат храброст да дадат јасен одговор. Тишина. Молчење. Криење од јавноста. Се однесуваат како ова да не е нивна работа, како да не знаат што се случува, како да немаат никаква одговорност“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата оценуваат дека Груевски е симбол на режимот, криминалот и корупцијата, обвинувајќи ја владејачката партија дека функционира како организирана криминална група. Оттука, според СДСМ, Мицкоски бега од одговорите бидејќи е свесен дека соочувањето на Груевски со правдата ќе го урне митот на кој, како што велат, со години се гради нивниот лажен патриотизам и чесност.
„Македонија не смее да биде држава во која Владата штити осудени криминалци. Правда мора да има. Одговорност мора да има. Груевски мора да се соочи со правдата“, децидни се од СДСМ.







