Компанијата „Лидл Северна Македонија“ преку соопштение информира дека ја продолжува кампањата за вработување за позиции во нивниот логистички центар во Куманово, како и во маркетите ширум државата. Според компанијата, ова испраќа јасна порака за нивната долгорочна посветеност на македонскиот пазар, инвестициите и отворањето нови работни можности.
Кампањата, насловена „Добра игра. Фер плеј“, според „Лидл“ има за цел да ги охрабри кандидатите да станат дел од нивниот тим кој, како што велат, функционира на принципите на фер однос, транспарентност и почит. Од компанијата информираат дека во моментов обезбедуваат стабилни работни места за повеќе од 400 вработени. За новите вработени, од компанијата посочуваат дека е предвиден структуриран процес и обуки кои траат од 6 до 8 недели, за стекнување практични знаења.
Во однос на инфраструктурата, од компанијата нагласуваат дека на македонскиот пазар гледаат долгорочно и дека од почетокот на своето работење во земјава веќе инвестирале над 200 милиони евра во развој на современа малопродажна и логистичка мрежа. Особено го истакнуваат логистичкиот центар во Куманово, за кој наведуваат дека е најголем логистички центар на „Лидл“ на Балканот, преку кој ќе се овозможи секојдневна понуда на свежи продукти низ државата. Од „Лидл“ најавуваат отворање на маркети низ целата земја како дел од нивната стратегија за економија на обем.
Покрај ширењето на сопствената мрежа, компанијата тврди дека активно придонесува и за развојот на домашната економија преку соработка со македонски производители и поддршка на нивниот извоз на европските пазари. Како што се наведува во соопштението, во 2025 година извозот на македонски производи преку мрежата на „Лидл“ достигнал 15,5 милиони евра, што претставува значителен раст во споредба со претходните години. Од компанијата посочуваат дека преку оваа соработка, домашните компании добиваат пристап до европските пазари, можност за зголемување на производството и унапредување на стандардите.
Во соопштението исто така се нагласува дека влезот на „Лидл“ во земјава е резултат на транспарентен инвестициски процес реализиран во партнерство со институциите. Компанијата тврди дека има одлична соработка со институциите на централно и локално ниво и дека ги почитува сите законски и административни процедури при своето работење и инвестирање.










































































































