Премиерот Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот градски пазар во Општина Виница. Тој ја искористи оваа прилика да најави и почеток на реализација на клучни инфраструктурни и здравствени проекти за источниот регион на државата, соопштуваат од Владата.
Премиерот упати честитки до градоначалникот на Виница за, како што рече, исклучително мотивираната и успешна работа. Тој изрази благодарност и до општинските советници, администрацијата, министерот за транспорт, како и до локалната пратеничка, потенцирајќи дека нивното секојдневно залагање придонесува за развојот на целата општина и регионот.
Во своето обраќање, Мицкоски најави почеток на реализација на долго ветуваниот патен правец во источниот дел на земјата.
„Следната недела ќе биде распишан јавен повик за изработка на физибилити студија на предпроектно решение, со што практично отпочнуваме со реализација на овој проект“, истакна премиерот.
Тој објасни дека овој почетен процес ќе трае неколку месеци, по што, со средства од државниот буџет и во соработка со меѓународни финансиски институции, ќе биде објавен тендер за реализација по принципот на жолт ФИДИК. Според неговите зборови, станува збор за исклучително значаен проект за чија реализација конечно „дошол редот“.
Освен патната инфраструктура, претседателот на Владата информираше и за напредокот во решавањето на проблемот со Клиничката болница, медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип.
Според Мицкоски, Владата веќе собрала понуди за финансирање на овој проект од светски реномирани финансиски институции. Тој најави дека следната недела ќе се одржат клучни состаноци со министерката за финансии и министерот за здравство.
„Очекувам како дел од онаа стратешка соработка со Велика Британија и овој процес конечно да почне да се движи. Има некои законски норми коишто мораше да бидат завршени и очекувам дека сето тоа ќе биде ставено на шини и ќе можеме многу скоро да сведочиме на рестартирање на изградбата на овие објекти“, заклучи Мицкоски, посакувајќи му на локалното раководство во Виница уште поголеми успеси во иднина.









































































































