Владата обезбеди двојно поголем буџет за поддршка на науката во споредба со 2024 година, достигнувајќи сума од околу 770 милиони денари годишно. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за најавените зголемени инвестиции во образованието и конкретните придобивки за образовната и научната заедница.
Според премиерот, покрај досегашните инфраструктурни и капитални инвестиции, државата става силен фокус на директната поддршка на домашните научници и истражувачи. Како исклучително значајна новина, Мицкоски информираше дека Владата за првпат овозможила бесплатен пристап до двете најголеми светски научни бази на податоци.
„Како Влада исто така овозможивме бесплатен достап до две научни бази на часописи, тоа се „Веб оф сајанс“ (Web of Science) и „Скопус“ (Scopus), коишто исто така се за првпат обезбедени од страна на Владата, да бидат со бесплатен достап за да можат научниците, истражувачите да ги користат кога создаваат свои научни трудови“, изјави Мицкоски.
На крајот од своето обраќање, претседателот на Владата заклучи дека институциите продолжуваат континуирано да вложуваат во овој сектор, потенцирајќи дека науката останува еден од врвните приоритети на актуелната власт.









































































































