Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, во гостувањето во емисијата „Вин вин“ на телевизија Телма изјави дека даночните инспектори, после спроведувањето на владините уредби донесени во време на кризата, ќе извршат контроли за да проверат дали се почитуваат економските мерки и дали тие се користат од оние на кои навистина им се неопходни.
„По спроведувњето на уредбите, УЈП ќе има контроли за да види дали некои мерки се злоупотребени од некои компании. Вистинските работници што ги исполнуваат условите и стопанствениците кои ќе се покажат чесни ќе ги искористат целосно мерките, а онаму каде што ќе има прекршување ќе следат други мерки. Нашата крајна цел е да обебзедиме ликвидност на стопанството, тоа ни е заложбата.“, рече Лукаревска.
Таа подвлече дека за да може да се даде целосна оценка дали економијата ќе влезе во песимистичка фаза мора да се почека барем крајот на април. Тогаш повеќе работи ќе биле јасни во стопанството.
„Ние до крај на април не можеме да знаеме дали од оптимизам ќе влеземе во песимизам. Да видиме колку уредбите кои ги носиме во правец на менаџирање на кризата дали ќе донесат резултати, до тогаш нема да ја знаеме реалната слика. Гледајќи ги земјите од регионот ние ги користиме истите мерки. Во Словенија на пример, сите фирми кои донираат за кризата се ослободуваат од данок, еве можеме и ние да размислиме за тоа како мерка. Не смее да заборавиме во едно вакви кризно време, ако на време не ги менаџираме даноците полесно ќе ја видиме целокупната слика. Ние најреално ја гледаме целата слика“ – изјави Лукаревска.
Таа оцени дена економские мерки се во правец на обезбедување ликвидност на стопанството и затоа се следеле и барањата на стопанските комори. „Не знам колку имаме можност да калкулираме со похрабри одлуки од она што се носи сега. Имаме финансиска помош од надвор. Сето тоа ќе ни помогне да ги реализираме мерките што ги најавивме, особено платата што ја ветивме од 14.500 денари. Најбитниот момент што не смееме да го изоставиме е тоа дека не спроведуваме присилна наплата. Мора да се најдат механизми да се избалансира целиот овој процес.“ – изјави Лукаревска.