Жестока реторика и меѓусебни обвинувања за состојбата со државната каса бележат последните објави на министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска, и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. По серијата прес-конференции на опозицијата, министерката упати јавен повик до нивниот економски тим за средба во Министерството, на што Филипче одговори потврдно, но под услов дебатата да биде отворена за јавноста и медиумите.
Министерката Кочоска Димитриеска во својата објава ги карактеризираше настапите на опозицијата како „хистерични“, полни со „невистини“ и „очајни политички конструкции“. Таа повика на дебата заснована на бројки, тврдејќи дека опозицијата „не стои баш добро“ со нив.
„Ние ја стабилизираме државата што ја оставивте со празна каса, натрупани долгови, нарушена доверба и институции кои предолго беа користени за тесни партиски и лични интереси“, напиша Кочоска Димитриеска.
Таа изнесе низа компаративни податоци, истакнувајќи дека во времето на СДСМ (2017-2024) јавниот долг речиси се удвоил, достигнувајќи близу 9 милијарди евра, со просечен раст на БДП од само 1,8%. Наспроти ова, министерката тврди дека моментално економијата расте со околу 3%, платите растат за близу 10%, а капиталните инвестиции се на историски високо ниво.
Кочоска Димитриеска акцентот го стави на предизвикот за сервисирање на старите долгови. Таа информираше дека од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година се обезбедени 1,2 милијарди евра исклучиво за враќање на еврообврзници земени од претходната власт, а дека до 2031 година државата треба да сервисира дури 9 милијарди евра по основ на главнина и камати од стари долгови.
На овој повик експресно одговори претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој потврди дека економскиот тим на опозицијата ќе дојде на средбата, но побара таа да биде целосно транспарентна.
„Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери. Отворете ги вратите широко, нека слушаат и нека гледаат граѓаните“, напиша Филипче.
Тој возврати на обвинувањата, барајќи министерката пред јавноста да објасни како дошла до одредени економски пресметки и претходни изјави.
„Ние сме подготвени за отворена дебата со бројки, а не со политички конструкции. Граѓаните заслужуваат вистина, а не ново алиби за катастрофалното водење на финансиите“, заклучи Филипче во својот одговор.
Останува отворено прашањето дали Министерството за финансии ќе го прифати условот на опозицијата за присуство на камери на средбата, со што оваа економска дебата би се претворила во јавен дуел пред граѓаните.
Ј. Ѓ.




































































































