Илјадници луѓе синоќа излегоа на улиците во Белград на протести со барање за предвремени избори. Она што беше најавено како мирен протест на студентското движење, заврши во хаос со многумина уапсени.
Студентите во блокадата вчера доцна вечерта објавија соопштение во кое индиректно ги обвинуваат криминалците и полицијата за немирите што избувнаа по мирниот протест во центарот на Белград.
„По завршувањето на вечерашниот величествен митинг, на улиците на Белград во непосредна близина на оградената област во близина на паркот Пионирски имаше конфликт и насилство. Симпатизерите на владејачкиот режим, како и лицата за кои имаме основани сомневања дека припаѓаат на криминалното милје, беа чувани од голема полициска сила за време на целиот нивен престој во паркот Пионирски“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Студентите информират дека повеќе од десетина луѓе биле претепани и уапсени, а некои од нив претрпеле и сериозни повреди, скршени заби, како и удари во главата и се во Ургентниот центар и полициските станици.
„Вечерва јасно рековме, изборот е на сите нас. Или Србија или мафијата“, стои во соопштението.
Протестите, организирани од студентите во блокада на плоштадот Славија во Белград започнаа во 18 часот и траеја околу два часа. Собири се одржаа во текот на денот на четири локации во Белград, од каде што колоните се упатија кон Славија. На протестите зборуваа неколку говорници од различни сфери на општеството, образование, медицина, земјоделство, производство, култура… Тие презентираа индивидуални идеи во која насока треба да се реформираат споменатите сегменти на општеството.
Во текот на целиот ден пред паркот Пионирски, кој го обезбедуваат голем број полицајци, имаше вербални инциденти меѓу минувачите, односно учесниците на студентскиот собир и луѓето кои се наоѓаат пред портите на оградениот простор. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека 23 лица се приведени поради напади врз полицајци, како и дека има повредени полицајци.
Тој ги осуди нападите врз полицајците, наведувајќи дека полицијата си ја вршела својата работа и дека биле нападнати со сите средства – пиротехнички средства, камења, шишиња, дури и капаци за шахти. Дачиќ вели дека многу од учесниците во нападот биле маскирани со шалови и маици, а полицијата ги потиснала со најмала употреба на сила.
Извор: Мета.мк








































































































