Во рамките на своето јубилејно 25. издание, музичкиот фестивал ОФФест ја збогатува својата програма со уште еден исклучителен и моќен африкански состав. На 3 јуни, во Националната опера и балет со почеток во 22:00 часот, пред македонската публика ќе настапи реномираната домородна група од Совето во Јужна Африка BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness).
Составот што го сочинуваат Јови (главен вокал), Кгомотсо (придружен вокал), Хлони (придружен вокал), Луја (бас тапан, придружен вокал), Чикс (конги), Скумбузоу (бас тапан) и Мосебетси (бас гитара), е глобално препознатлив по пренесувањето на своите високоенергетски ритми ширум светот. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп влијанија и силна панк-рок енергија, им донесе обожаватели од сите краишта на планетата, позиционирајќи ги на сцените на најпрестижните светски фестивали како Glastonbury, Roskilde, Sines, Womad и Sziget. Како потврда за нивната бестрашна работа и трансцедентни настапи во живо, во 2023 година BCUC беа одликувани со престижната награда „WOMEX Artist Award“ – признание кое вообичаено е резервирано за поетаблирани артисти.
Јужноафриканските музичари се враќаат на сцената на ОФФест по две години, етикетирани како еден од најдобрите состави во целата историја на овој фестивал. Овојпат, нивното гостување во Скопје е во знак на промоција на нивниот најнов, петти по ред студиски албум насловен „The Road is Never Easy“.
По цели 23 години постоење, групата продолжува да настапува со истиот бунтовнички и активистички дух со кој ги направи своите први чекори. Преку живописен, хедонистички транс-звук, тие на автентичен начин ги претставуваат богатите традиции, верата и ритуалите на нивната татковина. Нивното препознатливо мото „музика за луѓето, од луѓето, со луѓето“ редовно се пренесува и на самата публика за време на нивните концерти, вовлекувајќи ги присутните во специфичниот ритуалистички звук создаден од повторувачките бас линии и тапани.
Редакција Фронтлајн








































































































