Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска во Охрид оствари работна средба со хрватскиот заменик-претседател на Владата и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ. Средбата се реализираше во рамките на официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Хрватска на државава, информираат од Министерството за транспорт.
Во фокусот на билатералните разговори беше развојот на транспортниот сообраќај во регионот, со посебен акцент на можностите за унапредување и продлабочување на соработката во делот на железничкиот сектор. Истовремено, двајцата министри ги разгледале и опциите за проширување на севкупната економска активност помеѓу двете држави.
За време на средбата, вицепремиерот Николоски упати посебна благодарност до својот хрватски колега за поддршката во решавањето на проблемот со македонските превозници и професионалните возачи.
Тој ги поздрави неодамнешните измени во хрватскиот Закон за работни визи, нагласувајќи дека овие олеснувања кои ги направи Република Хрватска се од огромно и суштинско значење за непречена работа на нашите транспортни компании.











































































































