Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до сите верници од исламска вероисповед по повод големиот празник Курбан Бајрам, посакувајќи им празничните денови да ги поминат во мир, радост и семејна благосостојба.
Во својата празнична порака, претседателката истакна дека во свет обременет со неизвесност, недоверба и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ. Таа потенцираше дека Курбан Бајрам, преку симболиката на дарување и пожртвуваност, упатува на клучните вредности важни за моралната зрелост на заедницата – човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот.
Според Сиљановска Давкова, интегрираноста на општеството се препознава и се мери токму преку способноста да се зачуваат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на предизвици.
„Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите“, порача шефицата на државата.






































































































