Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија говореше за новиот правилник и ценовник на Јавното претпријатие за паркинзи на Општина Центар, истакнувајќи дека целта е подобрување на условите за паркирање, поголем ред и фер пристап за сите жители.
Герасимовски посочи дека Центар е најфреквентната општина во државата, со огромен број возила кои секојдневно доаѓаат и транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители.
„Недозволиво е во еден стан да има три или четири автомобили и потоа да се чудиме зошто нема место за паркирање пред домот. Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило е луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан“, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП ПОЦ во соработка со Општина Центар, како и врз основа на бројни средби со граѓаните и нивните забелешки за проблемите со паркирањето.
„Имаме речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6.100 паркинг места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди. Во минатото имало злоупотреби, фиктивни адреси, лични карти оставени на адреси во Центар, како и користење на бенефиции без реално живеење во општината“, рече Герасимовски.
Градоначалникот додаде дека со новите правила се штитат жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на својот дом.
„Целта е да обезбедиме еднакви услови за сите жители. Оној граѓанин што има едно возило треба да може да паркира пред својот дом. Секое наредно возило е дополнителен товар врз системот и нормално е да се наплаќа“, посочи Герасимовски.
Тој се осврна и на потребата од одржливост на претпријатието, нагласувајќи дека квалитетната услуга подразбира редовно обележување, одржување, осветлување и контрола на паркинг-просторите.
„Не може за 100 денари годишно да се очекува паркингот да биде обележан, осветлен, одржуван и постојано контролиран. За да имаме добра услуга и подобри услови, мора да имаме одржлив систем“, рече Герасимовски.
Градоначалникот потенцираше дека дел од градските паркинзи, особено во Капиштец, кај Нова Македонија и во близина на Цветен пазар, во вечерните часови остануваат полупразни, додека истовремено дел од граѓаните не сакаат да користат платени и безбедни паркинг-простори.
„Купуваат по две или три возила, кои чинат илјадници евра, а не сакаат да одвојат симболични средства за безбедно паркирање. Тоа создава хаос за останатите жители“, додаде тој.
Герасимовски истакна дека секоја новина на почеток предизвикува реакции, но дека очекува новиот правилник за неколку месеци да даде видливи резултати.
„Сигурен сум дека ова ќе донесе подобрување. Нашата цел е ред, фер услови и повеќе слободни места за оние што навистина живеат во Центар“, порача Герасимовски.








































































































