Шпанскиот стратег Андони Ираола ги договорил условите за преземање на кормилото на Ливерпул и наскоро се очекува негова официјална потврда како нов главен тренер на клубот, пренесуваат релевантните спортски медиуми.
Откако во саботата Арне Слот доби отказ од функцијата, водечките луѓе на Ливерпул реагираа експресно и ги започнаа преговорите со поранешниот шеф на стручниот штаб на Борнмут, кој беше идентификуван како главен приоритет за испразнетото место на „Енфилд“. Разговорите напредувале брзо, а познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо објави на социјалната мрежа „Х“ дека договорот е веќе постигнат во принцип. Ираола во клубот ќе биде претставен во улогата на главен тренер (head coach), а не како менаџер.
Први претсезонски предизвици во САД
Четириесет и тригодишниот Ираола ќе ги започне своите обврски во клубот по кратката пауза, откако претходно го предводеше тимот на Борнмут до историско шесто место во Премиер лигата и прв пласман во европските купови во клупската историја.
Шпанецот ќе ја започне својата прва претсезонска турнеја со Ливерпул на почетокот на јули, каде што ќе мора да работи со комбиниран состав на играчи, со оглед на тоа што голем дел од првотимците ќе бидат ангажирани со настапи на Светското првенство.
Претходното тренерско искуство на Ираола вклучува водење на екипите на АЕК Ларнака, Мирандес и Рајо Валјекано, пред Ричард Хјуз да го ангажира во Борнмут. Токму Хјуз, кој во 2024 година се пресели од Борнмут во Ливерпул, го задржа својот голем интерес кон Ираола, поради што тој веднаш изби во прв план како единствен наследник на Слот.
Како дел од подготовките, Ливерпул ќе замине на претсезонска турнеја во Соединетите Американски Држави каде што веќе се закажани пријателски натпревари против Сандерленд (25 јули), Рексам (30 јули) и Лидс (2 август). Овие средби ќе бидат прва можност за навивачите да видат што можат да очекуваат од играта на тимот под водство на Ираола, иако клубот би можел да организира и дополнителни подготвителни натпревари на домашен терен претходно во летото.
Ј. Ѓ.







