Mакедонија влегува во период на интензивни инвестиции во експресната патна мрежа. Освен почетокот на изградбата на експресниот пат Куманово-Страцин како дел од “Планот за раст” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител најави нов тендер за изработка на студии за изградба на експресен пат Кочани-Виница-Делчево, како и за експресен пат Радовиш-Струмица.
Според Николоски, овие инвестиции ќе придонесат за рамномерен развој низ сите региони.
„Експресниот пат Куманово -Страцин е дел од Планот за раст со Европската Унија, ќе има и ИПА компонента, така што очекувам до следната година заедно со Европската Унија да ги завршиме сите документи и да почне и таму да се гради. Добро е што таму експропријацијата е завршена, одиме на проектирање и на изградба“, изјави Николоски.
Во однос на плановите за изградба на нови експресни патишта, тој најави:
„Во соработка со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, објавуваме тендер за сите потребни студии за експресен пат кој ќе оди Кочани-Виница-Делчево, а за скоро време ќе излезе и за експресниот пат Радовиш-Струмица“, најави Николоски.
Според него, овие проекти покажуваат дека државата не инвестира само во автопатски делници, туку паралелно работи и на развој на современа мрежа на експресни патишта која ќе обезбеди побрзо и побезбедно поврзување на регионите.
„Тоа значи дека сериозно ќе се инвестира покрај во Централна и Западна Македонија и во Источна Македонија “, истакна Николоски.
Со најавените проекти, државата отвора нова фаза на инфраструктурен развој во која паралелно ќе се градат автопати и експресни патишта. Целта е подобрување на регионалната поврзаност, забрзување на транспортот на луѓе и стоки и создавање подобри услови за економски развој во сите делови на земјата.
Министерство за транспорт







