По повод 31-годишнината од геноцидот во Сребреница, Странката за демократска акција на Македонија (СДА Македонија) излезе со соопштение во кое потсетува на ужасните настани од јули 1995 година, нагласувајќи дека геноцидот во Сребреница е нераскинлив дел од колективната меморија на демократскиот свет.
Пред точно 31 година беше извршен геноцид во Сребреница, која во тоа време беше заштитена зона на Обединетите Нации. Од СДА Македонија посочуваат дека оваа година во Меморијалниот центар Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на уште десет жртви.
„Жртвите кои годинава ќе бидат погребани биле на возраст од 20 до 56 години. Меѓу нив има и тројца млади луѓе кои во моментот на смртта биле во своите дваесетти години и кои дури сега ќе го најдат својот конечен мир“, се вели во соопштението на партијата.
СДА Македонија потсетува на широкиот меѓународен и регионален консензус за осуда на злосторството. Генералното собрание на ОН на 23 мај 2024 година ја усвои Резолуцијата 78/282, прогласувајќи го 11 јули за „Меѓународен ден на размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година“. Претходно, институциите како Претставничкиот дом и Сенатот во САД, како и Европскиот парламент преку неколку резолуции, недвосмислено го дефинираа злосторството како геноцид.
Партијата го поздравува и создавањето на, како што велат, „цивилизациски круг“ околу Босна и Херцеговина, потенцирајќи дека парламентите на Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Косово и Албанија усвоија резолуции со кои геноцидот се признава како заедничка болка и опомена.
Во соопштението се потенцираат и судските факти потврдени од Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година, според кои Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
„Припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи, по падот на Сребреница на 11 јули 1995 година, убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи во низа масовни погубувања. Во мезарјето на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега се погребани 6.772 жртви на геноцидот, додека 250 жртви се погребани во локалните гробишта по одлука на членовите на нивните семејства. По повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница сè уште се трага“, потсетуваат од СДА Македонија.
Во рамките на одбележувањето на 31-годишнината, по комеморацијата, во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари ќе се одржи верска програма.
Партијата го заклучува своето обраќање до јавноста со силната порака: „Секој ден се сеќаваме, еден ден не забораваме!“
Д. М.







