Со поставување камен-темелник денеска официјално почна изградбата на втората фаза од автопатот Скопје–Блаце, во должина од 10,5 километри, а почетокот на работите веднаш отвори нова политичка пресметка меѓу ВЛЕН и ДУИ околу тоа чиј е проектот, колку чини и зошто неговата реализација се одолговлекувала. Според објавените податоци, изведувач е „Гранит“ АД Скопје, рокот за изградба е четири години, а вредноста на актуелниот договор е околу 222 милиони евра.
Од ВЛЕН соопштија дека денеска „и официјално“ почнува изградбата на една од најзначајните инфраструктурни врски меѓу Северна Македонија и Косово, оценувајќи дека повеќе од една деценија автопатот бил повеќе политичко ветување отколку реален проект.
„Повеќе од една деценија, овој автопат беше повеќе политичко ветување отколку конкретна реалност. Редовно служеше како изборен аргумент, неколкупати беше ‘пресечена лентата’ за почеток на работите, многупати беше предвидуван во државниот буџет, но на крајот сè завршуваше во ќорсокак“, наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата велат дека почетокот на работите отвора реална перспектива за завршување на патот и нагласуваат дека автопатот треба да овозможи подобро економско поврзување, побрз транспорт и поголема комуникација меѓу двете земји.
Од Јавното претпријатие за државни патишта соопштија дека делницата ќе има пет тунели, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови. Таа ќе се спои со веќе изградените 1,5 километар автопат во близина на граничниот премин Блаце.
ДУИ, пак, реагираше дека актуелната власт само продолжува проект што бил подготвен и тендериран во времето на претходната влада.
Од партијата тврдат дека проектот бил завршен на 2 мај 2023 година и дека тогашната проценета вредност изнесувала околу 183 милиони евра. Според ДУИ, трасата и проектното решение не се изменети, а денешната цена, според нивната пресметка, е околу 210 милиони евра.
„Проектот што го критикуваа не е сменет ниту за 0,1 отсто. Трасата е иста, проектот е ист, автопатот е ист“, наведуваат од ДУИ, обвинувајќи дека изградбата е одложена за две години и дека сега ќе чини околу 30 милиони евра повеќе.
ДУИ бара од ВЛЕН да објасни зошто, како што тврдат, готов проект бил блокиран и што е причината за зголемувањето на трошоците.






