СДСМ денеска обвини дека дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал „историски една милијарда евра“ и дека пензискиот систем станува сè позависен од државниот буџет, додека ВМРО-ДПМНЕ возврати дека Фондот е стабилен, пензиите се исплаќаат редовно и дека за помалку од две години се зголемени за околу 7.000 денари. Двете партии излегоа со спротивставени оценки за состојбата во пензискиот систем.
Од СДСМ тврдат дека недостигот во ПИОМ изнесува повеќе од 14 проценти од целиот државен буџет и дека продолжил да расте и покрај промената од 1 јули, со која придонесот за ПИОМ, според партијата, е зголемен за еден процентен поен преку пренасочување на средства што претходно оделе во Агенцијата за вработување.
Партијата оценува дека ПИОМ станува „неодржлив и сè позависен од буџетски трансфери“, а премиерот Христијан Мицкоски и Владата ги обвинува дека немаат план за стабилизирање на системот. СДСМ дополнително тврди дека за две години државата е задолжена со четири милијарди евра нов долг и повторно го отвора прашањето за иднината на вториот пензиски столб, оценувајќи дека најавите за негова „реконструкција“ создаваат неизвесност за осигурениците.
„Пензиите не се милостина од Мицкоски, пензиите се стекнато право“, порача СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрли обвинувањата како обид за создавање паника меѓу пензионерите. Од партијата наведуваат дека пензиите за помалку од две години се зголемени за околу 7.000 денари, додека во првите две години од владеењето на СДСМ, според нивната пресметка, растот изнесувал 540 денари. Партијата посочува и дека во периодот на СДСМ повеќе од 200.000 пензионери примале пензии под 14.000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека пензискиот систем не се финансира исклучиво од тековните придонеси и дека, како и во други европски држави, дел од средствата се обезбедуваат преку државниот буџет.






