Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе ја заврши својата турнеја низ Западен Балкан во Скопје, каде што ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Европската комисија официјално соопшти дека разговорите во регионот ќе бидат насочени кон следните чекори во процесот на пристапување и постепената интеграција во Европската Унија, поддржана преку Планот за раст од шест милијарди евра, се вели во редакцискиот коментар на ЦИВИЛ МЕДИА.
Во пресрет на средбата, Мицкоски во изјавата дадена по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ денеска повтори дека Владата е подготвена за разговор и решение, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека токму неговата политика го блокира продолжувањето на евроинтегративниот процес.
„Ние сме го кажале ставот многу пати до сега по тоа прашање. Јас немам што да додадам на тоа што сум го кажал и не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата којашто секој ден е, би рекол сѐ порадикален и личи како да се дојдени од некоја Али експрес испорака на некоја друга опозициска партија. Така што тој дел од опозицијата, не би сакал да го коментирам. А нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и да на крајот од денот најдеме решение“, изјави Мицкоски.
Премиерот во изминатите денови дополнително ја образложуваше позицијата дека сегашната Влада наследила обврски прифатени од претходната власт. Во интервју емитувано на 28 септември тој рече дека аргументот што го слуша од Брисел е дека условите претходно биле прифатени од македонска влада и дека сега неговата влада настојува да најде поинакво решение.
Официјалните документи на ЕУ потврдуваат еден важен дел од оваа констатација: условот за уставните измени не е ново барање воведено од сегашниот состав на Европската комисија. Во заедничката позиција од јули 2022 година Владата на Северна Македонија се согласила дека следната меѓувладина конференција, со која треба да заврши отворачката фаза на преговорите, ќе се одржи откако ќе стапат во сила уставните измени со кои, меѓу другите, во Уставот ќе бидат вклучени и граѓаните што се дел од бугарскиот народ.
Според актуелниот преглед на Европската комисија, пристапните преговори со Северна Македонија се отворени во јули 2022 година, скринингот е завршен, но земјата сè уште нема отворено преговарачки кластер. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје во јуни годинава повтори дека договорените уставни измени остануваат потребниот следен чекор за напредување во процесот.
Истовремено, Владата има резултати во посебниот механизам на Планот за раст. До јули Северна Македонија добила вкупно 142,1 милион евра од Инструментот за реформи и раст, по позитивни оценки за дел од исполнетите реформски чекори. Тој механизам, сепак, не ги заменува условите од пристапните преговори.
Дополнително прашање пред посетата на Фон дер Лајен се новите европски „патокази“. Во говорот за состојбата на Унијата на 16 септември таа најави дека Комисијата наскоро ќе предложи патокази за кандидатите што постигнале најголем напредок, но официјално не ги именуваше државите. Затоа, евентуалното изоставување на Северна Македонија од таков список засега не е формализирана одлука на Европската комисија.
Средбата во Скопје, оттука, доаѓа во момент кога двете страни декларативно зборуваат за продолжување на европскиот пат, но останува нерешено прашањето што ЕУ го смета за договорен предуслов за следната фаза: уставните измени.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.






