Пишува: НИКОЛА СПАСОВ
Упадот во редакцијата на Информер во Белград ме потсети на нешто за што размислувам одамна. А тоа е дека Вучиќ ќе изгуби од сопствената пропагандна машинерија што со години ја градеше за да ја одржи својата моќ.
На народот на Србија секако му беше преку глава од криминалот, корупцијата, неодговорноста и сите последици на 14 години власт. Но една од најголемите сили на мобилизацијата беше перманентната изложеност на пропагандата на Вучиќ и неговите медиумски полтрони кои го труеја народот дење и ноќе.
Не зборувам само за класична политичка пропаганда, за лажење, манипулирање со информации или величање на лидерот. Тоа го има во многу земји и не е ништо невидено. Неговата пропаганда беше уникатна бидејќи направи целосна естрадизацијата на политиката преку старлети, разноразни платенци, перманентно уништување на цивилизираниот дијалог во општеството и воспевање на просекот и сељачизмот.
Со години на српските медиуми се создаваше една паралелна реалност. Национални телевизии, таблоиди, политички емисии беа наменски претворени во ријалити-програми. Вучиќ не ја користеше пропагандата само за да ја контролира политиката туку да ги промени стандардите на целото општество. Пропагандата во Србија слободно може да се каже дека се граничеше со психолошка тортура.
Луѓето можат долго да трпат лоша власт. Можат да се навикнат на корупција, неправда, партиски вработувања, па дури и на политичка ароганција. Но кога секојдневно им ја навредуваш интелигенцијата, кога им го претвораш јавниот простор во септичка јама и кога им порачуваш дека примитивизмот е новата општествена нормала, почнуваш да произведуваш гадење.
А гадењето е многу поинаква политичка емоција од незадоволството. Незадоволниот граѓанин бара подобра власт. Згадениот граѓанин сака да го снема целиот систем што секојдневно го понижува.
Студентското движење успеа да мобилизира толку широк отпор, не само затоа што понуди алтернатива на Вучиќ, туку затоа што со својата пристојност, достоинство и солидарност стана целосна спротивност на сè што неговата пропагандна машинерија со години го промовираше.
Иронијата е што пропагандната машинерија продолжи да работи со полна сила и кога веќе стануваше очигледно дека произведува контраефект. На крајот, Вучиќ стана жртва на сопствениот политички производ.







