Пребројувањето на гласовите од парламентарните избори во Израел, одржани на 27 октомври, влегува во завршната фаза. Според независната изборна платформа Israel Elections, до 12:58 часот на 29 октомври, по израелско време, обработени се 95,4 проценти од пријавените гласачки ливчиња.

Новата неофицијална пресметка покажува 54 мандати за блокот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, 48 за опозицијата предводена од Гади Ајзенкот и 18 за арапските партии. Ова претставува поместување во однос на претходната распределба од 53–48–19 мандати, која ја пренесува и Асошиејтед прес.
Станува збор за независни проекции, а не за конечна официјална распределба. За парламентарно мнозинство во 120-члениот Кнесет потребни се 61 пратеник. Излезноста е 77,7 проценти.
Истовремено, претседателот на Централната изборна комисија, судијата Ноам Солберг, побара од израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет да ги испита сомневањата за странско финансирање и недозволено влијание врз изборниот процес. Солберг нагласи дека сомневањата сè уште не се потврдени и побара истрагата да утврди дали постојат докази.

Претседателот Исак Херцог поддржа темелна истрага, но предупреди дека не смее да се стигматизира арапското население.
Политичката неизвесност продолжува. Опозицијата и арапските партии математички располагаат со можност за парламентарно мнозинство, но меѓу нив нема коалициски договор. Дел од опозициските лидери одбиваат влада што би зависела од поддршката на арапските партии.
Пребројувањето продолжува, вклучително и на гласовите на војниците и другите категории избирачи. Конечните официјални резултати се очекуваат на 4 ноември.
FRONTLINE PRESS






