Најголемата криптоберза во светот, Binance, се соочува со еден од најсериозните безбедносни инциденти во историјата на криптовалутите. На 29 октомври 2026 година, напаѓач успеал да извлече криптоактиви во вредност од околу 6,36 милијарди долари од паричници на берзата на десет блокчејн-мрежи. Според анализата на компанијата за блокчејн-аналитика TRM, најголемиот дел од средствата биле префрлени за околу 20 минути.
Доколку проценката се потврди, станува збор за најголемата кражба на криптовалути досега, речиси четирипати поголема од нападот врз криптоберзата Bybit во февруари 2025 година, кога беа украдени околу 1,5 милијарди долари.
Нападот ги погодил паричниците на Binance на мрежите Ethereum, Bitcoin, Tron, XRP Ledger, Solana, Arbitrum, Avalanche, Optimism, Base и Polygon. Најголем дел од украдените средства биле во Ethereum, во вредност од околу 3,79 милијарди долари, додека од Bitcoin-паричниците биле извлечени 18.270 биткоини, проценети на околу 1,47 милијарди долари.
Binance го потврди безбедносниот инцидент и привремено ги суспендираше повлекувањата на повеќе мрежи како мерка на претпазливост. Компанијата соопшти дека средствата на корисниците се безбедни, но во моментот на објавување на анализата сè уште немаше објавено официјално објаснување за причината и начинот на компромитирање на системот.
Севернокорејска хакерска група посочена како одговорна
Компанијата TRM, врз основа на анализа на податоци од блокчејн-трансакции и дополнителни разузнавачки информации, со високо ниво на сигурност ја поврзува операцијата со TraderTraitor – хакерска група поврзана со Северна Кореја.
Истата група беше посочена и во нападот врз Bybit во февруари 2025 година. Според анализата, во двата случаи се забележуваат слични обрасци: претходна подготовка на трансакциите, користење мали трансфери за прикривање на потеклото на средствата и однапред обезбедени дигитални потписи кои се активираат во краток временски интервал.
Како бил изведен нападот?
Подготовките за нападот започнале најмалку 36 часа пред кражбата. Напаѓачот тестирал специјално подготвен код на неколку паричници, а потоа го применил врз таканаречен „топол паричник“ на Binance – дигитален паричник поврзан на интернет, кој берзите го користат за обработка на повлекувањата.
На мрежата Ethereum била искористена техничка можност позната како EIP-7702, која овозможува дигитален паричник привремено да ја делегира контролата на паметен договор. Напаѓачот однапред подготвил 50 дигитални авторизации, од кои една била успешно искористена за преземање контрола врз паричникот и префрлање на средствата кон адреса под негова контрола.
Но, нападот не бил ограничен само на Ethereum. И други паричници на Binance, на различни блокчејн-мрежи, испраќале средства со валидни дигитални потписи кон адреси на напаѓачот.
Ова ја наведува TRM на проценка дека најверојатно била компромитирана инфраструктурата на Binance за потпишување и одобрување трансакции, што би овозможило неовластено испраќање средства од паричници на повеќе мрежи. Сепак, конечната причина сè уште не е официјално утврдена.
Замрзнати околу 2,7 милијарди долари, но дел од средствата остануваат недостапни за контрола
По нападот, повеќе компании и блокчејн-институции презедоа итни мерки за спречување на понатамошното движење на украдените средства.
Tether, Circle, Ripple и World Liberty Financial замрзнаа стабилни криптовалути во вредност од околу 2,67 милијарди долари. Дополнително, Советот за безбедност на мрежата Arbitrum блокираше 8.426 ETH и 74,6 милиони ARB, во вредност од околу 30 милиони долари.
Така, вкупната вредност на замрзнатите средства достигна приближно 2,7 милијарди долари.
Сепак, напаѓачот успеал дел од средствата да ги конвертира во криптовалути кои не можат едноставно да бидат замрзнати од нивните издавачи. Според TRM, во тој процес околу 325 милиони USDT (познат и како Tether е најголемиот светски stablecoin (стабилна криптовалута), чија вредност е дизајнирана да биде постојано врзана со вредноста на американскиот долар во сооднос) биле продадени преку посредници и пазарни оператори во замена за Ethereum, а дополнителни средства биле користени како обезбедување за позајмување Ethereum преку платформата Aave.
Според проценката на TRM од 30 октомври, напаѓачот сè уште контролира повеќе од 420.000 ETH и 18.270 BTC, со вкупна вредност од околу 2,4 милијарди долари, покрај помали износи во други криптоактиви.
Сериозен сигнал за безбедноста на криптопазарот
Нападот повторно ги отвора прашањата за безбедноста на централизирани криптоберзи, контролата врз дигиталните паричници и ризиците од компромитирање на системите за одобрување трансакции.
Особено загрижувачки е фактот што биле погодени паричници на десет различни блокчејн-мрежи, што според анализата укажува на можен пробив во пошироката инфраструктура за управување со средствата, а не само во една поединечна криптоплатформа.
Истрагата продолжува, а TRM најавува следење на украдените средства и предупредување на криптоберзите, посредниците и финансиските институции за можни обиди за нивно понатамошно префрлање и прикривање.
Извор: ТРМ






