Пишува: ХАН СОЛО ЏУНИОР
Ги слушам младиве денес:
„Не ми ја покачиле платата!“
„Сѐ е многу скапо!“
„Нема услови за нормален живот!“
„Не се живее вака!“
Срцки мои златни, Македонија е во криза од 1900-та година! Можеби и порано, ама немаме живи сведоци да потврдат.
Од турско, преку српско, бугарско, комунистичко, транзициско, демократско, па до ова денешново, не-знам-како-да-го-наречам, ама некако сѐ ми мириса на истото гомно, само во поинакво пакување.
Јас, откако знам за себе, чекам да заврши кризата! И еве, остарев, а кризата во цутот на младоста. Ќе ме надживее, кучката!
Вие мене ќе ми раскажувате за скапотија, плати и нормален живот?
Жена ми 5 години чекаше на работа, дипломиран правник.
Имаше време кога немаше зејтин. Немаше кафе, пиевме наут. Немаше детергенти. Немаше факинг МЛЕКО ЗА ДЕЦАТА! Чекавме од 5 сабајле пред продав ница.
За бензин имаше бонови. За кафе се имаше врски. За прашок за перење се ширеа гласини како денес за нов ајфон.
Кога ќе стигнеше зејтин во продавница, веста се ширеше побрзо од најновата афера на Џенсен Хуанг на ТикТок.
На одмор се одеше во синдикално одморалиште, со извидници или на Кривина на Вардар. Ол инклузив: леб, паштета, комарци и сончаница. Пет ѕвездички, ако ги броиш оние на небото!
И знаете што?
И тогаш се живееше! Се работеше, се градеше, се сакаше, се женеше, се раѓаа деца. Се пцуеше власта, се пцуеше шефот, се пцуеше комшијата што имал врски за бензин.
Ама се тераше напред!
Не велам дека нам ни било подобро. Не било. Не велам ни дека вие немате право да се жалите. Имате, како немате! Кукањето е национален спорт, постар и од составување на фудбалската репрезентација.
Ама, мајку му стара, од кукање никогаш никому не му пораснала платата! Освен можеби на професионалните кукачи – политичарите.
И затоа, срцки:
Не очекувајте „некој“ да ви обезбеди подобра иднина. Не постои тој „некој“. Го чекаме веќе сто и кусур години. Или не доаѓа, или кога ќе дојде, прво си ја средува сопствената иднина.
Никој нема да ви донесе нормален живот на златен тањир, со лимонче, магдонос и келнер што ќе ви се поклони!
Земете и борете се сами за факинг подобра иднина!
Барајте поголеми плати. Менувајте работа. Учете. Создавајте. Отворајте фирми. Грешете. Паѓајте. Станувајте. Пцујте кога треба. Бунтувајте се кога треба. Не трпете неправди!
Дигнете ја главата од тоа мобилните телефони и погледнете ја стварноста. Во огледало.
ВИЕ сте стварноста!
Не чекајте мојата генерација да ви ја среди државата. Ние имавме педесет години и, како што гледате, не се прославивме баш нешто.
Затоа, облечете ги кожните гаќи, стегнете ги забите и освојте си го тоа што ви треба!
Животот е кучка. Не можеш да го победиш, а не можеш ни нерешено да извадиш. Ама можеш барем добро да го изнервираш додека се бориш!
И запомнете:
НЕМА БЕСПЛАТЕН РУЧЕК!
А ако случајно ви понудат, проверете кој ја плаќа сметката. Обично сте вие, само уште не ви кажале.
Со љубов, од еден стар мрчатор, кој преживеал десет кризи, шест реформи, три држави и сѐ уште чека да дојде подоброто утре.
П.С. Ако некогаш кризата навистина заврши, ве молам известете ме. Може нема да ја препознаам убавата иднина.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА | Сите права се задржани.






