
Во само неколку дена, во САД се случија неколку катастрофични настани коишто потполно можеа да се избегнат:
– Катастрофата со nVidia (добро, оваа беше швалерско-шпионско-измамничка причина, но најголемата AI компанија во светот).
– Катастрофата на сервисите на Microsoft (очигледно предизвикана од AI). Сѐ уште трае, се повтори вчера.
– Катастрофата со приземјувањето на сите авиони (очигледно поврзана со AI).
– Катастрофата со откажувањето на големи банкарски апликации (најочигледно предизвикана од AI)
– Катастрофата со пукањето на системот на United Airlines (веројатно AI).
Кога нема луѓе да се грижат, AI презема. AI, ако не сте знаеле, работи на принцип на статистички пресметки на решенија со најдобар изглед да успеат.
Само луѓето имаат интуиција, поврзување на навидум неповрзани причини и искуство, без статистика, чиста интелигенција.
Значи:
ПРЕСТАНЕТЕ. СО. ЗАМЕНА. НА. ЛУЃЕТО. СО. AI!
Само да ве предупредам, особено нааканите „професионалци“, удобно нацуцлени на странска цицка, со европски плати, балкански трошоци и самодоверба на Илон Маск.
AI меурот покажува сериозни знаци на пренадуваност (факинг Хуанг со швалерките повлече нога). А кога ќе почне да пука, нема да страдаат само инвеститорите во AI, туку може да повлече и добар дел од светската економија.
Помладите не ја паметат 2008/2009. Тогаш, речиси преку ноќ, исчезнаа инвестиции, проекти, работни места и цели компании. Историјата има непријатна навика да се повторува, особено кога сите се убедени дека „овојпат е поинаку“.
Први на гилотина ќе бидат аутсорсингот, хонорарците, remote работниците и прескапо платените „експерти“. Ќе следуваат замрзнати инвестиции, откажани договори, масовни отпуштања, намалени плати и старото добро „реструктурирање“. AI, иронично, ќе биде и изговор за отпуштањата што немаат никаква врска со AI.
Оние во странство, особено во Европа, може да бидат меѓу првите на удар. Кога економијата оди надолу, „ценетите меѓународни таленти“ преку ноќ повторно стануваат bloody immigrants.
Мојата прогноза? Ќе се издишат фантастичните IT плати, ќе секнат лесните пари, а LinkedIn ќе се преплави со „Open to Work“ експерти за дигитална трансформација и AI стратегии.
Затоа, правете резервни планови. Размислете како ќе ги отплаќате станот на 30 години, џипот на лизинг и летувањето на рати.
И, за секој случај, обновете ги контактите со домашните фирми што до вчера ви беа под нивото – „сељаци“.
Следува потенцијална катаклизма капитализма. А фактурата, како и секогаш, ќе ја платат оние што мислеа дека забавата никогаш нема да заврши.
Ванчо Орданоски е главен софтверски архитект во Инфопроект и еден од најискусните професионалци и ветерани на ИТ-секторот во земјата. | Преземено од ЦИВИЛ Медиа






