Бренд претставата на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која воедно е и најнаградуваната претстава на Прилепскиот театар, е достапна за гледање на Јутјуб.
„Претставата е рубиконова коцка која се оттргнала од контрола. Сѐ е во совршен неред, а сепак сѐ беспрекорно функционира. Претставата изгледа како плод на театарско и уметничко востание во прилепскиот театар“ ќе речат критичарите на престижниот еатарски фестивал МЕСС во Сараево. Критиката забележa дека актерската екипа зрачела со енергија која од постановката прави вистински театарски спектакл. – Претставата зрачи со брилијантна актерска игра, има многу пеење, танцување.
Режисерот Мартин Кочовски вели дека екипата има огромна инспирација, волја и енергија која зрачи од сцената. Успеавме да ја постигнеме прочуената слоевитост на Брехт, вели Кочовски
Претставата „Тапани во ноќта“ во 2009 година е прогласена за најдобра претстава на 44. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Режисерот на претставата Мартин Кочовски е прогласен за најдобар режисер, а актерката Марија Спиркоска од истата претстава ја доби наградата за најдобра женска епизодна улога.
Со четири награди претставата се закити на 48. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево, во 2008 година. Претставата, која е најуспешно извезуваниот македонски театарски проект во последно време, во Сараево доби Сребрен ловоров венец во конкуренција на 33 претстави од 17 земји од целиот свет. Постановката се закити и со награда од критичарите, а режисерот Мартин Кочовски го понесе признанието „Јурослав Корениќ“ за најдобар млад режисер. Театарскиот весник „Тмача арт“, исто така, ја прогласи македонската претстава за проект со најдобар авторски став на ова издание на МЕСС.
Пред тоа „Тапани во ноќта“ „удрија“ и во„Белеф“ во Србија и „Експонто“ во Љубљана, а таа одлично беше примена и во Италија, Русија, Хрватска, како и од црногорската и од босанската публика.
Ова е претставата која ја роди новата ера на Прилепскиот театар.
Ј. Ѓорѓиоски