Во статија на National Geographic која ги разработува ефектите од значително поголемата фрекфентност на онлајн работни конференции, се објаснува како човечкиот мозок досега навикнат на еден тип на функционирање, сега се исцрпува со конференциски состаноци преку Zoom, Hangouts, FaceTime, итн.
Една професорка од Универзитетот во Пенсилванија најпрва го сподели своето искуство по еден час преку Zoom. Џоди Ејхлер – Левин, која до пред корона пандемијата одржувала предавања во училници, пред луѓе со кои можела да дискутира и да проценува реакции, сега освен што е исцрпена од онлајн наставата, таа „конференциски“ посетува и рекретивни часови за уметност со пријателите, како и happy hour дружење со колегите. Мозокот ја плаќа цената на тие такви алтернативи.
Многу луѓе кои се нашле во истата ситуација, исто така приметиле исцрпеност по континуирана изложеност на итнернет состаноци и конференциски разговори. Оттаму доаѓа и сленг терминот „Zoom исцрпеност“, но истиот термин важи и за другите вакви алатки како Hangouts, FaceTime, итн.
Новиот начин на комуникација заради потребната физичка дистанца како да иницираше еден вид социјален експеримент – да се докаже она што отсекогаш се знаело: виртуелните интеракции можат да влијаат екстремно лошо на мозокот.
Асистентот по киберпсихологија од Универзитетот Норфолк во Вирџинија, Ендру Френклин вели „многу истражувања всушност докажуваат дека ние навистина имаме потешкотии со ова“.
Еден типичен конференциски состанок ги нарушува досегашните навики и способности на една индивидуа, и сега е потребно зголемено внимание и фокусирање на секој кажан збор. Ако некој е на екранот претставен од рамената нагоре, речиси и да нема шанса да се видат гестикулациите. Доколку пак, квалитетот на видеото е лош, скоро па и да е неможно да се прочита нечија фацијална експресија или емоција.
Појавата на неколку соговорници на екран во исто време е уште еден исцпрувачки проблем. Галерискиот поглед – кога сите учесници во разговорот се претставени како колаж, ја предизвикува работата на мозокот, принудувајќи го да се справи со многу луѓе наеднаш.
За некои луѓе, поделбата на вниманието создава збунувачки ефект на исцрпеност која не дала никаков резултат. Мозокот станува преоптоварен со непознати стимули додека е хипер-фокусиран на лоцирање невербални знаци кај соговорниците на екранот.
Затоа традиционалните телефонски разговори може да се помалку напорни за мозокот, бидејќи така главниот фокус е на гласот на соговорникот и информацијата која се пренесува.
А. Н. Стојчевски