Ако Уставниот суд донесе решение за укинување на одлуката од 16 февруари за распуштање на парламентот, процедурите за спроведување на парламентарните избори ќе се вратат на почеток и ќе се остави простор гласањето да се реализира во редовниот термин, наместо да биде вонредно, стои во текст на 360.
Ваквата одлука ќе значи укинување на правните пречки за свикување на Собранието кое не заседава веќе три месеци, не учествуваше во процедурите за прогласување вонредна состојба во земјата два пати, според Уставот, законодавната власт има такви надлежности.
Сепак, сѐ зависи од тоа дали стручниот колегиум на Уставниот суд в среда ќе ја прифати иницијативата за преиспитување на одлуката на пратениците да се самораспуштат, со цел на 12 април да се одржат избори.
Ако колегиумот се согласи да ја разгледа иницијативата, тогаш, според информациите, треба да се определи судија известител, по што точката би била ставена на дневен ред на седница. Тогаш би се донела одлука дали ќе се поведе постапка за оценување на иницијативата, по што би следело и „судење“ и донесување конечна одлука што во практика би значела враќање на Собранието во функција.
Укинувањето на одлуката за распуштање на парламентот и враќањето на пратениците на работните места би значело и укинување на сите дејствија поврзани со изборите што беа спроведени од 16 февруари (кога беа распишани изборите), па до 22 март, кога изборите беа стопирани, со Уредба на техничката влада, пред почнување на кампањата. Со Уредбата се предвидуваше спроведувањето на изборните дејствија да продолжи веднаш по завршување на вонредната состојба.
Доколку партиите се согласат изборите да „останат“ предвремени, ќе треба да се носи нова одлука за распуштање на парламентот. Би следела и нова одлука на претседателот на парламентот за распишување избори – со нов термин за гласање, што би значело и враќање на почеток на сите изборни процедури, почнувајќи од увид во избирачкиот список до составување на кандидатски листи за пратеници, наспроти оние кои веќе беа утврдени на 13 март. Со оглед на уставниот рок од максимум 60 дена од распуштање на парламентот пред избори, сѐ уште има простор парламентарните избори да се одржат во текот на летото, односно пред можниот нов бран на корона вирусот.
Втора опција е изборите да бидат редовни, за што термините почнуваат да течат во почетокот на октомври, со оглед на тоа што на 30 декември годинава ќе се заокружат точно четири години од конституирањето на овој собраниски состав.
А. Н. С.