По повод 117-годишнината од смртта на идеологот и водач на револуционерното национално ослободително движење, владината делегација и делегација од кабинетот на претседателот Пендаровски положија венец со свежо цвеќе и пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.
Владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје и оддаде почит на големиот македонски револуционер.
И делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, и пред споменикот на Делчев во Градскиот парк во Скопје, по повод 117-годишнината од неговата смрт. Делегацијата беше предводена од генералниот секретар, Миле Бошњаковски.
Во моментот кога Шекеринска се спремаше да даде изјава за медиумите навивачка група очигледно партиски мотивирана почна да скандира „Никогаш северна…“ по што вицепремиерката се откажа од изјавата. Таа им порача на медиумите дека ќе даде изјава пред споменикот на Делчев во Градскиот парк заради, како што кажа, луѓето кои се дојдени да тераат политика.
Прашана од новинарите дали мисли дека скандирањето е политички потег, Шекеринска рече дека секогаш è.
-Не е случајно направено да биде веднаш после давањето изјава. На Балканот научивме дека многу често политиката се крие зад навивачките групи и ги злоупотребува, рече Шекеринска.