Утревечер на јавниот телевизиски сервис ќе биде емитувано специјалното издание на Евровизија. Натпреварот за песна на Евровизија беше откажан заради корона пандемијата, па организаторите, заедно со овогодинешниот домаќин Холандија, најдоа решение како да ја одбележат традицијата на фестивалот чие издание беше откажано прв пат во 65 години.
Наместо првите две полуфинални вечери, публиката неделава имаше можност на поинаков начин да ги запознае учесниците на Евровизија и песните со кои ќе настапуваа на сцената во Ротердам.
Оваа година фестивалот нема натпреварувачки карактер.
Замислата на шоуто оваа година е да се испочитуваат учесниците од 41 земја. Освен песните кои ќе бидат претставени, шоуто ќе ги спои и сите претставници заедно, секој од различна локација низ Европа, во изведбата на евровизиската Love Shine A Light од 1997.
Многу поранешни учесници на фестивалот ќе гостуваат со настапи од дома на утрешното издание на Eurovision: Europe Shine a Light, како што се Ilse DeLange од холандското дуо The Common Linnets кои беа едни од фаворитите на Евровизија во 2014, како и израелската победничка од 1979, Gali Atari која ќе го испее нејзиниот хит Hallelujah придружувана од хор составен од поранешни учесници на Евросонг.
Освен на јавните сервиси од земјите учеснички, настанот ќе може да се следи и на јутуб каналот на Евровизија.
А. Н. Стојчевски