Фотографија од мајка мечка и четири малечки слатки мечиња се појави на социјалните мрежи и на некои веб портали и предизвика голема заинтересираност. Во описот на фотографиите стои дека мечката и малите мечиња се сликани на Водно односно во непосредна близина на Свети Пантелејмон, што е невистина, пишува КриТинк.
Во текстот на еден од веб порталите напишано е дека фотографиите се снимени денеска (20.05.2020) напладне.
За нив не важат мерките, па можат колективно да шетаат на Водно, во непосредна близина на Свети Пантелејмон. Фотографиите се снимени денеска напладне.
А на една од објавите на социјалните мрежи пишува дека фотографиите се направени од шумар.
Ни едното ни другото не е точно. Оваа фамилија на мечки не е фотографирана на Водно, ниту некаде приближно до Македонија.
Со лесно пребарување на фотографијата на Гугл се забележува дека таа е објавена во април минатата година. Малите мечиња и нивната мајка се фотографирани во национален парк на границата помеѓу државите Тенеси и Северна Каролина во САД.
Прошетката на мечињата е објавена и во видео, кое кога ќе се погледне целото, јасно е дека не се работи за скопската планина Водно.