Властите во Москва од денеска почнаа да ублажуваат одредени мерки воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, девет недели по нивното воведување, иако бројот на случаи продолжи да расте.
Од денеска, парковите и трговските центри се отворени, а на граѓаните им е дозволено да шетаат и вежбаат, првпат од воведувањето на мерките, пренесува Би Би Си.
Како што се наведува, иако рускиот претседател Владимир Путин минатата недела објави дека епидемијата го достигнала својот врв, бројот на пациенти продолжува да расте.
Најголем број инфицирани и најголем број смртни случаи во цела Русија се забележани во Москва, но сепак, градоначалникот дозволи отворање на продавници, книжарници, трговски центри, паркови.
На граѓаните им е дозволено да одат на прошетка три пати неделно во периодот од 9,00 до 21,00 часот и со употреба на рота-систем се мери колку долго биле надвор.
Јавните собири сѐ уште се забранети до 14 јуни./МИА/