Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на своето обраќање во Пенсилванија вети дека новоизградениот ѕид против мигрантите, освен низ Ново Мексико и Тексас, ќе мине и низ Колорадо, иако оваа американска сојузна држава вооопшто не се граничи со Мексико, пренесува МИА.
– Тоа ќе биде величествен ѕид, голем ѕид што ќе ја исполни својата задача, па мигрантите нема да можат да се провлечат ни преку него, ни под него, рече Трамп.
По говорот, на социјалните мрежи веднаш се појавија бројни реакции по кои Трамп објави твит во кој тврди дека ѕидот во Колорадо го споменал „само како шега“.
„Не градиме ѕид во Колорадо, но сите ќе имаат корист од ѕидот што го споменав“, напиша американскиот претседател на Твитер, пренесен од британските медиуми.
Ѕидот, долж границата со Мексико, што треба да ја спречи илегалната миграција беше во центарот на претседателската кампања на Трамп во 2016 година, кога тој победи, но се доцни со неговата изградба бидејќи Конгресот одбива да му одобри финансиски средства.