Според најавите на европски дипломати, Нацрт преговарачката рамка за Северна Македонија треба да биде презентирана во наредните неколку денови од страна на ЕУ. Таа ќе биде првата што се носи со новата методологија на преговарање. Нацрт верзијата ќе им биде презентирана на земјите членки, кои потоа ќе го финализираат документот, а таа финална верзија ќе биде позицијата на ЕУ за преговорите.
И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар во петокот потврдија дека во наредните неколку дена ќе биде презентирана нацтр верзијата на Преговарачката рамка за земјава, што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори.
Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) во разговор за МИА вели дека преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија се првите по новата методологија и ќе бидат посложени од претходните. Таа прави споредба со Преговарачката рамка што треба да се донесе за нашата земја и искуствата со останатите земји од регионот.
– И Србија и Црна Гора добија датум за почеток на преговори истовремено со одлуката за почеток на преговорите. Во случајот на Црна Гора, Советот ја задолжи Комисијата да подготви преговарачка рамка уште пред формално да ја донесе одлуката за почетокот и за датумот на преговорите, така што во јуни 2012 година истовремено беа донесени одлуките, усвоена Преговарачката рамка (предложена три месеци порано) и одржана правата меѓувладина коференција. Во случајот на Србија од донесената одлука за почеток на преговорите и датумот (јуни 2013) минуваат некаде шест месеци до усвојувањето на преговарачката рамка (декември 2013) и почетокот на преговорите (јануари 2014). Меѓутоа, кај Србија и Црна Гора повеќе внимание привлекуваа другите услови што требаше да ги исполнат (напредок во борбата против организираниот криминал, односно односите со Косово). И во случајот на Хрватска во 2005 година процесот на усвојување се одолжи не заради самото усогласување на Преговарачката рамка, туку пред се заради други услови (проблемите во соработката со Хашкиот трибунал), вели Ристевска Јорданова.
Таа додава дека и покрај тоа што во случајот на Србија имаше обиди на соседите за некои условувања, тие не беа од таков интензитет за да влијаат битно на преговарачката рамка.
Во однос на тоа спроведувањето на Договорот со Бугарија да биде вметнато во Преговарачката рамка, Ристевска Јорданова вели дека во неодамна објавениот документ на политиката за ова прашање, во Институтот за европска политика, детално ги анализирале бугарските барања наспроти словото на Договорот и принципите на новата стратегија за проширување и нивните можни последици.
– Реално е да се очекува во Преговарачката рамка да биде опфатено и спроведувањето на Договорот со Бугарија, бидејќи државите членки му дадоа значење на овој Договор, а Бугарија инсистира да се внесе спроведувањето на Договорот. Но, проблемот не е во самото поставување на добрососедските односи како услов за пристапниот процес, па ниту во изречното вклучување на договорите со Грција и Бугарија. Проблемот е во тоа што ставовите што ги зазеде Бугарија и ги презентираше во ЕУ се нејзино искривено толкување на Договорот, па и додавање прилично екстремни барања за кои нема никаква основа во Договорот, вели Ристевска Јорданова за МИА.
Според неа, Бугарија ја користи својата привилегирана позиција како членка на ЕУ да ѝ наметне на Северна Македонија спроведување на Договорот „по нејзина мерка“, што е спротивно на принципите на меѓународното право, и на целта и суштината на самиот Договор за пријателство.
– Што е уште попроблематично, бугарските барања изнесени во нивните позиции, се спротивни на Преспанскиот договор. Покрај тоа, проблематичен аспект е што некои од бугарските барања ги компромитираат принципите од Кластерот „Темели“ кои се однесуваат на демократските институции, првосудството и темелните права, вели таа.
Од друга страна, како што вели, треба да се има предвид дека претседателот Стево Пендаровски веќе ги исцрта нашите црвени линии најавувајќи дека нема компромис околу идентитетските прашања.
– Но, иако ние ќе бидеме консултирани, немаме глас за Преговарачката рамка. Многу е значајно каков ќе биде појдовниот предлог на Комисијата, која би требало да биде воздржана во однос на бугарските барања. Особено е важно имплементацијата на Договорот да не биде во посебно поглавје 35 „Други прашања“, кое има специфична тежина. Заради сево ова – да, сметаме дека барањата на Бугарија можат да го отежнат нашиот пат кон ЕУ, па дури и да се соочиме со вето. Би било полесно ако Бугарија остане изолирана во своите барања. Сепак, постои ризик некоја/некои од другите земјите членки коишто не се ентузијасти за проширувањето ова да го искористат за успорување на процесот на проширување, вели Ристевска Јорданова за МИА.
На прашањето дали ќе се запази рокот кои го споменуваат македонски и европски дипломати за одржување на првата меѓувладина конференција на есен, Ристевска Јорданова истакнува дека тоа зависи од процесот на усогласување на преговарачката рамка, но и од условите во самата Унија, која има значајни приоритети следниве неколку месеци – борбата со последиците на пандемијата, усвојувањето на буџетот за Унијата (Финансиската перспектива) за следниве 7 години, меѓутоа и од развојот на настаните кај нас.
– Позитивно е што Германија претседава следниве шест месеци. Сепак мислам дека не треба да имаме преголеми очекувања и да лицитираме со секој следен чекор во пристапниот процес – а такви ќе има многу, вели таа.
Во однос на тоа, пак, дали првата меѓувладина конференција, односно стартот на преговори, би зависел од процесот на изборите, таа истакнува дека се што ќе се случува во земјава ќе има влијание, а секако – изборите.
– Доколку немаме чисто досие, какво што досега имавме, многу полесно ќе биде процесот да се забави. Чисто досие најпрвин значи функционални институции на парламентарната демократија, што секако е најзначајно и за самите нас, оценува Ристевска Јорданова.
Во однос на подготвеноста на администрацијата за преговори, Ристевска Јорданова за МИА посочува дека имаме потенцијал, имаме ресурси, имаме стекнато искуство, но дека административно-техничкиот капацитет не соодветствува со нив.
– Она што недостасува е јасно политичко водство во процесот, повисок капацитет за координација на политиките и одговорност на надлежните институции. Постојниот модел за координација на преговорите е пресложен и мора да се поедностави. За самото техничко одвивање на преговорите секако дека има капацитет. Она што недостасува е јасна стратегија како да го преземеме правото и политиките на ЕУ, со кои приоритети и ресурси. Ние мораме да престанеме да зборуваме за „зададена домашна задача“. Да, задачата треба да се заврши во голема мерка дома, но ние мораме сами да осмислиме како ќе го оствариме тоа.
Во однос на тоа кое поглавје е најтешко за преговарање, Ристевска Јорданова за МИА вели дека иако секое поглавја е тешко на посебен начин, за нас најголем предизвик ќе биде Кластерот „Темели“, каде што според новата стратегија, покрај поглавјата 23 „Правосудство и темелни права“ и 24 „Правда, слобода и безбедност“ се додадени функционирањето на демократските институции и јавната администрација и економските критериуми, а содржи и три постојни поглавја.
– Новододадените области „демократски институции“ и „јавна администрација“, за кои нема „тврдо право“ на ЕУ ќе бидат предизвик, зашто има меѓународни односно европски стандарди, но не и рецепт како да ги постигнете. И токму во овие области ќе биде многу значајно Македонија да покаже капацитет. Зошто не би го создале, ако од 1995 година сме членка на Советот на Европа, во чии рамки се креираат голем дел од стандардите во овие области? Да не зборуваме за пошироката рамка – ООН, итн. Она што секако не смееме да си го дозволиме е назадувањето, какво што имавме во поглавјата 23 и 24, во кои своевремено (до визната либерализација на во 2009 година) предничевме во регионот, рече Ристевска Јорданова.
Според неа, технички многу тешко поглавје е 27 „Животна средина“, Поглавјето 12 „Безбедност на храната“, но, како што вели, Македонија е во оваа област понапред од другите земји во регионот и тоа треба да го искористи.
– За нас може да биде проблематично и Поглавјето 7 „Интелектуална сопственост“, заради сѐ уште отворени прашања со Грција. Поглавјата 25 „Наука и истражување“ и 26 „Образование и култура“ важат за лесни, но ако Бугарија постави посебни услови како што најавува во нејзината Рамковна позиција – ќе бидат тешки, вели Ристевска Јорданова од Институтот за Европска политика во разговор за МИА.
Заклучува дека сѐ на сѐ, нѐ чека еден долг и тежок процес и треба да се наоружаме со решителност, трпение, мудрост и знаење за да го изодиме, водејќи сметка за нашите национални интереси.
Неда Димова Прокиќ/МИА/