Изборите мора да се спроведат онака како што е напишано во Уставот и во законите и тоа е многу важно за да имаме легитимен и легален изборен процес, напиша на својот фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски.
-Ако изборниот процес заврши онака како што е предвидено во Уставот, а тоа е 60 дена за одржување на вонредни парламентарни избори, тогаш мора да ги почитуваме тие одредби и на основа на тоа изборите да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Остварувањето на интересите на државата мора да биде врз основа на Устав и на закон, напиша Спасовски.
Во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, премиерот Спасовски посочи дека според владината Уредба, Уставот и законите, денот на избори е 5.јули.
– Лидерите имаа време да разговараат за изборниот процес и реков дека до оној момент кога политичките лидери не можат тоа да го сторат, институциите на системот мора да ја преземат одговорноста. Неодговорно е во време на здравствена и економска криза државата да биде оставена со нефункционални институции и без Собрание за контрола на извршната власт, рече Спасовски.
Тој посочи и дека раководството на СДСМ вчера имало состанок, кој ќе продолжи и денеска, и во текот на денот треба да излезе со став за изборниот процес откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека за нив прв прифатлив термин е средината на јули.
– Добро е да имаме консензус за учество во политичкиот процес. Разговаравме во партијата, за сите нас е важно да се оди на избори со сите политички структури и на тој начин да се добие легитимитет. СДСМ како одговорна политичка партија досега покажа дека има јасни политички ставови, дека не отстапува, туку реализира… Не го разбирам Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ кога би сакал да има избори?! Се навикнавме дека опозицијата нема став за ниту едно клучно прашање. Но мораме да имаме висока свест во рамките на оваа здравствена и економска криза, се со цел да ги комплетираме институциите и да продолжи справувањето со Ковид 19, економската криза, евроинтегративниот пат и сл“, изјави Спасовски.
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да се реши за бојкот на изборите, тогаш нејзините функционери, според техничкиот премиер, треба да се повлечат од Владата од морални причини.
Воедно, Спасовски потенцира и дека престануваат сите владини уредби за кои е предвидено дека траат до завршувањето на вонредната состојба, а сите оние кои имаат важење и по вонредната состојба, ќе останат во сила.