– Мораме да си ги спасиме државата и народот од каков било ризик од дополнително влошување на ситуацијата. Поголема криза од ова нема да можеме да издржиме со техничка влада и без Собрание.
Ова мора да заврши и знам дека преку глава му е на секој граѓанин од партиските игри и од фамозниот датум за избори. Ајде, време е ова да го расчистиме!, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција.
Заев потенцира дека тој и СДСМ преземале одговорен чекор за да им олесни на сите граѓани веднаш да заврши оваа игра на нерви од која најмногу страда народот.
Тој нагласи дека за да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност, заради тоа, истакна Заев, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата.
„Ја информирам јавноста дека денес повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули.
Бараа средина на јули – еве им средина на јули.
15 јули, среда, неработен ден за сите граѓани,
ден за гласање, ден за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме.
Праќам порака до Мицкоски – одговорноста пред сопствениот народ е големо дело.
Никој политичар не смее да помисли да си игра со сопствениот народ.
Доволни беа лошите изненадувања што ВМРО-ДПМНЕ им ги приредуваше на македонските граѓани.
Време е да погледнат надвор, да се одважат и ова решение да го потврдат пред народот.
Ова е за спас на државата. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се повикани да одговорат и да влезат во демократскиот процес заедно со сите други политички чинители во земјава.
Овој пат барањето за вонредна ќе биде само заради усогласувањето на 15 јули како конечен датум за избори. И тоа е фер граѓаните да го знаат, ќе се бара Вонредна заради избори, бидејќи истата не е потребна заради економските мерки – тие се веќе во полна реализација.
ВМРО-ДПМНЕ е на потег, да излезе пред народот и да се соочи со потребата од одговорно однесување.
Натаму одлучуваат граѓаните, тие ќе кажат кој ќе се справува со Ковид на есен.
СДСМ е одговорна власт која после 15 јули ќе продолжи да ја води државата на исправниот пат, уште подобро. Тоа го знаеме и го можеме!”