пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Имаше вчера по „протестот од земјоделците“ жестоки коментари на Фејсбук и Твитер што ме прогонуваа, а реакциите беа во сите правци. Сите ми се на некој начин симпатични и истовремено одвратни. Одвратна ми е и поемата што сношти ја пишав во еден здив како резултат на гадење од манипулациите со земјоделците и со која сакав во сатира да исповратам на целава ситуација. Но, она од што не можам да се ослободам, се фактите. А овде фактите говорат дека ќерка на пратеничка се претставува како ќерка на земјоделци за на грбот на земјоделците да ќари некој имагинарен револт кај граѓаните. Но како што и обично бива со манипулацијата, тоа им се враќа и им се удира од глава.
Прашањето e – кој е злоупотребен?
Овде драги мои, не е злоупотребена девојката од својата мајка, овде злоупотребена е маката на земјоделците. Овде, пратеничка од Неготино, која патем е едуцирана како менаџерка за човечки ресурси, ја менаџирала својата ќерка да го манипулира земјоделскиот труд. Ех, добро сте изменаџирале госпоѓо пратеничке, алал да ви се сите дипломи! Ете тоа е вистината. Една менаџирана „ќерка“ препознавме, којзнае уште колку менаџирани „ќерки“ и „синови“ побегнаа вчера од перцепцијата на јавноста.
Ајде да го занемариме „аутфитот“ на девојката, уствари не знам ни зошто да го занемариме кога девојката изгледа сосема пристојно и ок, но ајде еве… Но, никако не смееме да ја занемариме нејзината улога во сето ова. Девојката иако менаџирана, не е дете, таа како што можевме да прочитаме е активна и во политичкиот живот, преку членување во извршни органи во ДПМНЕ. Девојката за жал е свесен чинител на активност која ја користи за злоупотреба на туѓ, а за свој интерес.
Што е тогаш сево ова?
Ако ова беше нормален протест ќе речев – ќерката на пратеничката на ДПМНЕ им направи контра протест на земјоделците. Но, како што сублимира Џабир, сè кажува дека ова не беше протест на земјоделците. Нека ми простат сите оние кои искрено излегле на вчерашниот протест, но – она вчера не беше протест на земјоделци, она беше контра-протест на некој евентуален земјоделски протест, злоупотребен од врхушката на ДПМНЕ.
Вчера ДПМНЕ, кои несомнено се организатори на протестот, си направија контрапротест на самите себе.
Ете таа врхушка, која не само што не успева да се ослободи од минатото и минатите методи на манипулирање, таа врхушка продолжува со уште поголем интензитет онаму каде што застана пред некоја година. Поточно, онаму каде што ја застанавме пред некоја година!
И, сега за компарациите.
Нема овде простор за компарација со никакви други протести и настани кои во минатот ги правеа граѓански активисти, а бившиот режим се обидуваше да ги релативизира со заокружувања и коментирања на наш и од нашите другари аутфит. Ве молам, да не заглавуваме во нашата питома рационалност. Овие за кои сега дискутираме, не ни знаат за што всушност ние овде имаме „дилема“. И мене ми сметаат мизогините коментари упатени кон девојката, но мора да признаеме таа не се обиде, туку таа искажа невистина пред очите на целата македонска јавност и, за нејзина а и наша жал, тие коментари се резултат на свесната манипиулација од нејзина страна и тоа е „производот“ што се добива.
Насобраниот револтот од минатото, знае понекогаш да ги помине границите на пристојното и тоа е она од што треба да се ослободиме. Веројатно за тоа да го надминеме, треба да помине време. А, во многу гадно време живееме. Гледате, овие знаат да цакнат во битието и поназад – во анималното во човекот. Овие луѓе-нелуѓе за тоа се обучени. Погледнете им ги гестикулациите кога говорат пред камера, анализираќи го нивниот говор на тело ти се чини како да се преобраќаат, како еден ист човек да гледаш. Тоа е една страшна матрица, што се повторува и се повторува на безмалку секој од нив.
Губат каде ќе стигнат, веќе сите ги препознаваат, сите им се потсмеваат, но сепак ако најдат простор да се регенерираат, ќе го искористат. Ќе искористат сè што ќе им се најде на дофат на нивните за манипулација спремни и за власт жедни пориви. И во нивната крвожедност нема да поштедат никого, па ни сопствените деца. Тука – во нивната бескомпромисност се гледа она што нè одвојува нас од луѓето-нелуѓе. И ќе победиме – ги победуваме!
Ние треба само да внимаваме да не нè надвладеат нашите пориви, да не нè понесе гневот, да не се удавиме во нашите повраќаници од нивната гадност.
Отидов да повратам уште двапати – еднаш за девојката, другиот пат за мене.