Стана јасно дека властите во Србија и во Северна Македонија не може да се споредуваат во врска со транспаретноста околу корона вирусот. Во Скопје секој ден на прес конференции за јавноста, надлежните и одговорни кадри, задолжени за справување со пандемијата, објавуваат навремени информации, но и точна статистика со бројки на заболени, починати, излекувани…
Тоа е така од самиот почеток и веќе три месеци никој ниту се посомневал во бројките, ниту пак има причина за тоа. Ако здравствените власти манипулираа со бројките тоа до сега ќе беше откриено и соопштено во јавноста затоа што три месеци е долг период да криеш вистински бројки и да ја лажеш јавноста.
Доказ за тоа е ситуацијата во соседна Србија. За да ги организира изборите и за да престави дека вирусот е победен, официјален Белград ги укина рестриктивните мерки и дозволи граѓаните да се однесуваат како сакаат без да користат заштитна опрема и да почитуваат мерки. Тоа беше причина бројките во Србија да растат и ситуацијата да излегува од контрола. Но, како што е опасен вирусот, така е и необјавувањето точни бројки со што дополнително се загрозува здравјето на граѓаните.
Новинарите во Белград открија дека српските здравствени власти ги кријат вистинските бројки за починати и заразени. Утврдено е дека до први јуни наместо 632 починати биле објавени само 244. Исто е и со позитивните случаи, секој ден се објавува бројка помала од 100, иако се заболуваат и по 300 до 400 на ден. На крајот, таквото погрешно информирање на јавноста е на штета на српските граѓани и нивното здравје и тие ќе платат за лажните бројки што им ги пласираат властите.
Кај нас е страшното што овие бројки ги користи ВМРО ДПМНЕ кога сака да престави дека Србија подобро се справува со вирусот од Северна Македонија, што се покажа дека е погрешно и преставува манипулација и со македонската јавност.
ВМРО ДПМНЕ споредува точни бројки на починати и заразени кај нас со лажни бројки објавени во Србија и така создава впечаток дека македонскиот здравствен систем нема контрола врз вирусот. ВМРО ДПМНЕ добро знае на што се должат зголемените бројки кај нас, на тоа што се прави масовно тестирање на сите контакти на заболените, но и затоа што после укинување на рестриктивните мерки граѓаните не носат заштитни маски и не држат растојание, односно масовно се групираат на семејни прослави. Но, ваквите факти ВМРО ДПМНЕ ги прескокнува и споредува нереални бројки.
Од самиот почеток на здравствената криза партијата на Мицкоски како да сака да има што поголем број заразени и до пред неколку дена таа бројка ја користеше како аргумент да нема избори, за на крајот да се согласи на избори на 15 јули и да покаже пред јавноста дека сепак јавното здравје не им било приоритет, туку тактизирале од нивни партиски причини.
Д. Е.