СДСМ кога поседуваше докази ги објавуваше јавно и ги достави до надлежните институции, ако и во иднина имаме докази ќе го сториме истото, денес, ние продолжуваме да водиме исклучително позитивна кампања, истакна денеска претседателот Зоран Заев во одговори на новинарски прашања. Заев посочи дека го следи случајот со поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев и истакна дека техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев овој случај сака да го прикаже во поинакво светло заради политички цели.
Внимателно ги следам сите развои на настаните од ваков аспект заради тоа што Ден Дончев беше директор на Фондот за здравствено осигурување. Јавното обвинителство води истрага на еден од поранешните, сегашните, сопственици на Диамед, а секако има истрага и за Диамед, а начинот на кој Чулев сака тоа да го прикаже е секако е нешто што е заради политички цели. Обвинителството дава налог некој да биде повикан, да биде сослушан, да биде изведен пред истражен судија. Министерот Наќе Чулев тоа го прави заради политички маркетинг. Но кога веќе тргнаа со вакви решенија и од она што го слушнавме денеска, очекувам да го викнат и господинот Мицкоски и господинот Орце Камчев, баш по истите аршини за сослушување како што тоа го направија со Ден Дончев, посочи Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со носителот во третата изборна единица Игор Јанушев ја посетија општината Чешиново – Облешево, од каде порача дека на 15-ти јули доаѓа крајот на Зоран Заев и СДСМ.
– Потребно е на 15-ти јули да излеземе масовно, да се заштитиме најпрвин себеси, да ги заштитиме и тие кои што ќе дојдат со нас. Да излеземе масовно и гласно да зборуваме позади параванот. Да го заокружиме бројот 14, да го заокружиме името на Игор Јанушев, носителот на листата на победничката коалиција. Тоа е последната битка која не чека, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека поради ветувањата кои не ги исполни му се ближи крајот на Зоран Заев, бидејќи, како што рече, граѓаните паметат се.
– Веќе лагите на Зоран Заев и неговите функционери не успеваат никаде. Зоран Заев треба да научи дека со народот нема играње, народот дава но и зема, порача Мицкоски од Чешиново – Облешево.