Кандидатот за пратеник и носител на листа на СДСМ во ИЕ1, Никола Димитров изјави дека денес е голем ден за правната држава и за жедта за правда на македонските граѓани, кога стапува во сила, како што рече, тешко донесениот двотретински Закон за ЈО, закон за којшто два еврокомесари и претходниот Хан и актуелниот Вархеј ни кажуваат дека е битен за нашата кандидатура во очите на Брисел, на ЕУ.
Додека траеше изјавата на Димитров, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски се уфрли во неговата изјава и го запраша дали ќе поднесе во Обвинителството да се испита содржината на снимката објавена на Јутјуб меѓу црногорскиот бизнимен Миодраг Давидовиќ и Зоран Милески Кичеец.
– Нема поголем доказ од овој дрзок упад дека врвната амбиција на ДПМНЕ е да нема правда и да не се одговара, да се бега. Тие сакаат дури и гласот за правда да го замолчат. Зборот правда да го избришат.
Нервозата очигледно е голема, поразот ви се ближи. Ќе има правда, ќе има одговорност!, изјави Димитров.
-Како што гледате почитувани граѓани, имаме и упад во прес-конференција небаре ова е дебата. Ова само покажува уште еднаш дека основната кауза на опозициската ДПМНЕ е да бега од правда. Овој театар очигледно покажува најпластично зошто упаѓате. Јас пред некој ден кажав дека опозицијата прави шум за да не ја слушнат граѓаните вистинската порака. Еве и на камера како се случува овој шум, рече Димитров.
Повтори дека ќе има правда за граѓаните и оти, како што наведе, нема да се симнува на тоа ниво.
-И покрај сите ваши театри и обиди ќе има правда тогаш кога убедливо ќе бидете поразени и кога вашата агенда да немате одговорност, почесниот претседател да ви бега од правосилна пресуда. Ми треба посебен човек што ќе ми води евиденција против кого се води истрага, против кого има обвинение и против кого има правосилна пресуда. Зборот правда бара образ и ќе го добиете. Граѓаните ќе ја добијат правдата. А на ова ниво нема да паѓам. Ви благодарам што се појавивте, му одговори Димитров на Стоилковски.
Ј. Ѓ.