Поранешни министри, осудени и обвинети во случаи од СЈО, но и најблиски соработници на Груевски се дел од оние кои добиваат плата од партијата ВМРО-ДПМНЕ, стои во текст на А1он, кои стапиле во контакт со некои од споменатите имиња во врска со нивните сегашни ангажмани во партијата.
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на кабинетот на Груевски и екс генерален секретар на партијата, Мартин Протуѓер, поранешниот портпарол на Владата, Александар Ѓорѓиев, како и Луке Галески се најдоа на листата советници на Груевски.
Од останатите звучни имиња кои земаат плата од ВМРО-ДПМНЕ се и Александар Николоски и Игор Јанушев, сега носители на листи во две изборни единици. Иво Котевски, портпарол на МВР во време кога министерка беше Јанкулоска и натаму е вработен во партијата.
Во изјава за А1он, поранешната министерка Јанкулоска не открила дали е сѐ уште вработена во ВМРО-ДПМНЕ и ги упатила новинарите да побараат одговор од партијата.
Јанкулоска, инаку осудена за случајот „Тенк“ на четири години казна затвор, а обвинета и во „Титаник“ и „Таргет-Тврдина“ заедно со Груевски и Мијалков, не кажала ни дали извршува работни задачи во партијата.
Ве молам не можам сега да разговарам. Обратете се официјално ќе ви кажат. На место сум каде што не можам да разговарам, рекла Јанкуловска по што го прекинала телефонскиот разговор.
И Луке Галески, еден од советниците на Груевски, по предлог на Груевски е и член на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, исто така не одговорил на пораките од „А1он“ за да каже какви активности извршува во партијата.
Извор: А1он.