По 20 дена во кои партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, заврши изборната кампања и од полноќ почнува изборниот молк пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, закажани за в среда. Секој граѓанин може да провери дали фигурира во избирачкиот список со внесување на матичен број на страната на е – Избирачки список.
На 13 јули (понеделник) ќе гласаат болните од КОВИД-19 и лицата во самоизолација. Општинските изборни комисии прифатиле 716 барања од лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација за гласањето што треба да се спроведе утре. До ОИК пристигнале преку 770 вакви барања, а од вкупно 80 општини во 57 ќе гласаат заболени од Ковид-19 и лица во самоизолација.
Според информациите од ДИК, се финализира комплетирањето на посебните избирачки одбори кои треба да го спроведат ова гласање, а се составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.
Во вторник, на 14 јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор. Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Гласањето во вторник ќе го спроведат избирачките одбори.
На изборниот ден, 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во седум часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори, кога гласачките места се затвораат во 19:00 часот.